Бајден побара од Нетанјаху да се согласи на тридневна пауза во војната
Американскиот претседател Џо Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се согласи на тридневна пауза во борбите за да се овозможи напредок во ослободувањето на некои заложници кои ги држи Хамас, се вели во извештајот на Аксиос, цитирајќи двајца американски и израелски официјални лица.
Американскиот претседател и израелскиот премиер вчера телефонски разговарале. Белата куќа соопшти дека двајцата лидери „разговарале за можноста за тактички паузи“.
Цитирајќи американски официјален претставник, Аксиос објави дека според предлогот за кој се разговара меѓу САД, Израел и Катар, Хамас ќе ослободи 10-15 заложници.
„Тие, исто така, ќе ја искористат тридневната пауза за да го потврдат идентитетот на сите заложници и да достават список со имињата на луѓето што ги чуваат“,рекол официјалниот претставник.
За време на разговорот во понеделникот, Нетанјаху му рекол на Бајден дека не верува во намерите на Хамас и дека не верува оти тие се подготвени да се согласат на договор за заложници, изјавија двајца американски и израелски официјални лица.
Нетанјаху додаде дека Израел би можел да ја загуби сегашната меѓународна поддршка што ја има за операцијата доколку борбите престанат на три дена, рекоа официјалните лица.
Најмалку 240 луѓе се киднапирани за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, според израелските власти. Хамас ослободи две Израелки и Американка, мајка и ќерка.