Бабата на убиецот од Краков: Беше одличен ученик, одеше во црква…

Бабата на 24-годишниот Михал О., осомничен за смртоносниот напад во полскиот град Краков, во кој загинаа шест лица, проговори за својот внук и за трагедијата во која ги загубила најблиските членови на семејството. Во разговор со новинарите на полскиот весник „Газета Виборча“, 80-годишната Марија изјавила дека сè уште не може да поверува што се случило и дека не знае што го натерало нејзиниот внук да изврши вакво злосторство.

Новинарите го посетиле Васњов, родното место на осомничениот, каде што разговарале со неговата баба. Таа го опишала Михал како мирно и добро момче, кое редовно одело во црква, иако во последниот период поретко ја посетувало.

„Тој беше толку добро дете. Не знам што му се случи. Одеше во црква, иако во последно време поретко“, раскажала Марија.

Според нејзиното сведоштво, првите сомнежи дека нешто не е во ред се појавиле во петокот, кога нејзиниот син Јануш, таткото на Михал, не дошол да ги собере јајцата како што вообичаено правел. Сепак, таа не се вознемирила премногу бидејќи знаела дека има многу работни обврски и дека понекогаш работи и во текот на ноќта. Очекувала дека ќе се појави следниот ден.

За нападот во Краков дознала од својата внука, која ѝ покажала фотографија од осомничениот. Во тој момент, Марија го препознала лицето, но не сакала да поверува дека станува збор за нејзиниот внук.

„Боже, не е ли тоа Михал? Помислив дека е некој што личи на него, дека не може да биде тој“, раскажала таа.

Вечерта, околу 22 часот, нејзината ќерка пристигнала со трагичната вест дека нејзиниот син, снаата и внуката се мртви.

Во разговорот со новинарите, Марија се осврнала и на интересот на семејството за оружје. Таа објаснила дека нејзините три сина служеле војска, а Јануш особено бил заинтересиран за стрелаштво. Според неа, тој потрошил околу 6.000 злоти за специјален сеф во кој го чувал оружјето.

Открила и дека таткото му подарил униформа на Михал за неговиот 18-ти роденден.

…

Повеќе

Back to top button
Close