Бектеши: Рабатот не смее да биде повеќе од десет проценти

Законското решение ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговија во делот на земјоделските и прехранбените производи и нема да дозволи можност да се користи моќта на една компанија врз други компании. Ова би требало, веднаш откако ќе стапи во сила, да дејствува на намалување на цените на овие производи и за подобрување на квалитетот на производите

Бизнис-заедницата има рок до 25. овој месец да даде забелешки за новото законско решение за нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Со законското решение тие денеска беа запознаени од министерот за економија Крешник Бектеши, кој им го презентираше на работен состанок.

Во предлог-законот има 26 нефер трговски практики, а за приспособување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци.

Новиот закон предвидува намалување на рабатот до максимум десет проценти на годишно ниво. Тоа, како што изјави министерот за економија, ќе ги намали цените на земјоделските и прехранбените производи, но и ќе влијае врз подобрување на нивниот квалитет.

„Имаме рок до 25 октомври доколку имаме било какви забелешки, да ги доставиме. Овој период ќе го искористиме за сето она што не е јасно да се разјасни. Главното прашање што ги засегаше компаниите, а кое го расчистивме денеска, беше дека ќе имаме еден преоден период од шест месеци. Комуникацијата ќе продолжи и за сето она што сметаме дека треба да се измени или дополни, во законски предвидениот рок ќе го информираме министерството“рече Васко Ристовски од Стопанската комора на прес-конференција по одржаниот состанок со министерот Бектеши.

Според Ристовски, се очекува законот да воспостави ред на пазарот со земјоделските и прехранбените производи.

За непочитување на законските одредби засега се предвидени глоби до 20 000 евра. Но, Бектеши вели дека и во однос на овој дел од предлог-текстот ќе се разговара и со купувачите и со добавувачите и ако имаат дополнителни предлози, тие ќе бидат земени предвид.

Законот, како што рече Бектеши, веќе е на ЕНЕР и ќе се носи со европско знаменце.

„Повеќето од директивите на Европската Унија се транспонирани во новото законско решение. Законот ќе биде со европско знаме и затоа сакаме преку дијалог и презентација, каде ќе бидат сите вклучени, да го имаме најдоброто решение, сè со цел да не направиме штета. Ова законско решение ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговија во делот на земјоделските и прехранбените производи и нема да дозволи можност за да се користи моќ на една компанија врз други компании. Ова би требало, веднаш откако ќе стапи на сила, да делува на намалување на цените на овие производи, во подобрување на квалитетот на производите, а секако и во предвидливоста и сигурноста на добавувачите и потрошувачите“рече Бектеши.

Во законот, додава Бектеши, наведено е и процентуално колку би можел да биде максималниот рабат или годишните надоместоци, кои би можеле купувачите, во овој случај големите синџири на маркети, да ги бараат од производителите или добавувачите. Рабатот, според него, сега надминува и 30 или 40 отсто од производствената цена, а со ова законско решение ќе биде најмногу 10 отсто и во рамки на тоа маркетите ќе конкурираат меѓу себе, што ќе влијае врз намалување на цените.

 

„Во тие 26 нефер трговски практики се предвидени и земјоделски производи со краток рок. Генерално, квалитетот на производите се нарушува во тие производи кои имаат краток рок и нема договор како да се однесуваат добавувачите и купувачите спрема тие производи“рече министерот.

Тој додаде дека рокот од шест месеци кој е оставен за компаниите да се приспособат, може и да се намали доколку се подготвени купувачите и добавувачите ова законско решение веднаш да го применуваат.

Back to top button
Close