Бесент: Кина ги намали купувањата на иранска нафта за околу 40 проценти

Кина во последните неколку месеци ги намалила купувањата на иранска сурова нафта за околу 40 проценти – изјави денеска американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за „Фокс бизнис нетворк“.
– Воведовме санкции против таканаречените кинески „чајник“ рафинерии, кои се во приватна сопственост, и забележуваме значителен пад на нивните набавки на иранска нафта – изјави Бесент.
Тој додаде дека Кина генерално ги намалила набавките на сурова нафта поради цените и затоа што располага со големи стратешки резерви.
– Во последните неколку месеци купувањата се намалени за околу 40 проценти, а тоа врши директен притисок врз иранскиот режим – рече американскиот министер.
Таканаречените „чајник“ рафинерии се мали независни нафтени рафинерии, главно лоцирани во кинеската покраина Шандун.
Бесент се осврна и на новите американски царини од 50 проценти за голем број канадски производи, оценувајќи дека тие претставуваат мерка на реципроцитет како одговор на трговските ограничувања што Отава ги воведе за американските млечни производи, алкохолните и безалкохолните пијалаци.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави нови царини за канадски стоки во вредност од речиси 20 милијарди долари, како одговор на канадските контрамерки за увозот на американски автомобили, челик, алуминиум и алкохолни пијалаци, како и високите царини за млечните производи.
Бесент ја обвини Канада дека применува „силно дискриминаторска“ политика кон американските млечни производи и посочи дека американските алкохолни и безалкохолните пијалаци биле повлечени од канадските продавници.
– Ова е едноставно реципроцитет за она што тие им го направија на нашите големи американски компании – рече Бесент.






