Бесплатен паркинг за граѓаните и неделен возен ред за автобусите

Поради верскиот празник Рамазан Бајрам, утре јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред, а билетарниците и центрите за персонализација нема да работат, информираат денеска од ЈСП „Скопје“.

„Жичарницата ќе функционира вообичаено, од 10 до 18 часот, при што од 17 до 17.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 17.45 часот е последно возење од врвот надолу“, додаваат од претпријатието.

Автобусите и во сабота ќе возат по неделен возен ред, билетарниците и центрите за персонализација ќе работат со редовно работно време, како и Жичарницата.

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, пак, информира дека утре – 21 април, јавните паркиралишта Народен фронт, АМСМ, Дом на печат, ЗОИЛ, Тутунски комбинат и 8-ми Септември, ќе бидат слободни за паркирање, односно нема да се врши наплата.

Како што посочуваат од претпријатието, јавните површини наменети за паркирање (зонските паркиралишта), исто така ќе бидат слободни за паркирање – без наплата.

Јавните паркиралишта пак, „Кочо Рацин“, Градска болница, Клинички центар „Мајка Тереза“, Треска, како и катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“, ќе работат со редовно работно време и наплата од 00:00 до 24:00 часот.

Back to top button
Close