Бесплатните менструални влошки во училиштата или ги нема или се „под клуч“
Во некои од скопските средни училишта има бесплатни менструални производи, но тие најчесто не се достапни во тоалетите, додека дел од ученичките воопшто и не се запознаени дека ги има
Пишува: Марта Стевковска
Искра Героска, ученичка во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје која се соочува со ПМОС, вели дека поради нејзиниот непредвидлив менструален циклус често мора да ја напушти наставата или да брза да купи влошки помеѓу часовите, освен ако на среќа некоја другарка има плус менструална влошка за да ѝ позајми.
„Бидејќи во училиштето нема ни тоалетна хартија, а камоли менструални производи, многупати ми се случувало да морам ненадејно да ја напуштам наставата во средина на денот, или пак да треба измеѓу часови брзински да дотрчам до најблиската аптека да си ги купам потребните производи. Притоа, сите наши тоалети се со чучавци, а не со вц шолји, што го прави менструирањето во училиште уште толку понепријатно“, вели Искра.

Друга средношколка од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ вели дека во училиштето нема бесплатни менструални производи, а „тоалетите не се средени ниту за најосновните потреби, а не пак менструирање“.
„Вратите често не се затвораат како што треба, хигиената е многу лоша, не се чистат редовно и често има непријатна миризба. Вода има само понекогаш, тоалетна хартија речиси никогаш нема, а сапун уште помалку“, вели ученичката.
Од средното училиште „Никола Карев“, пак, ученичките имаат поделени искуства. Една средношколка изјави дека има бесплатни менструални производи во училиштето но се чуваат во посебна просторија па ученичките мора да побараат да им ја отклучат просторијата за да си земат влошка. Друга ученичка од истото училиште вели дека не е запознаена дека има бесплатни влошки, што го поставува прашањето и дали сите средношколки редовно се информирани за достапноста на бесплатните менструални производи?
„Што се однесува до тоалетите, тие се „океј“, но воопшто не се најсјајни. Главниот проблем не е функционалноста, туку нечистотијата, односно одржувањето на хигиената, што е клучен момент. Бидејќи немам обилен циклус, недостатокот на бесплатни производи во училиштето не ми влијае премногу врз самото посетување на наставата и немам потреба да отсуствувам. Сепак, бесплатните производи во училиштето би биле од огромна корист. Кај многу девојчиња, вклучувајќи ме и мене, циклусот често доцни и не се знае точниот ден кога ќе започне. Ако добиеме додека сме на училиште, а немаме соодветни производи во себе, принудени сме да се снаоѓаме во моментот“, вели ученичката од „Никола Карев“.
Според сите овие различни искуства еден од најголемите предизвици за средношколките останува прашањето за менструални производи во училиштата. Обезбедувањето бесплатни менструални производи е препознаено во Националната стратегија за млади 2023–2027, детално беше предвидено во Акцискиот план 2023–2025, а денес е опфатено и со Националниот акциски план за правата на децата 2025–2029. Но во пракса ситуацијата е многу поразлична.
Од училиштата тврдат дека обезбедуваат
Надлежните од Град Скопје велат дека во скоро сите училишта на подрачјето на главниот град се достапни менструални производи за ученичките, но тоа каде ќе бидат поставени зависи од самото училиште и е нивна самостојна одлука.

„Во некои средни училишта се достапни во самите тоалети, во некои се во библиотека, во наставничка канцеларија или во друга просторија. Ученичките се навремено известени дека има менструални производи преку нивните професори, а училиштата сами ги обезбедуваат производите преку нивните буџети“, ни изјавија од Град Скопје.
Дополнително ни испратија и фотографии од кои јасно може да се види дека не сите менструални производи се во диспанзери или кутии во тоалетите.

Токму ова претставува дополнителен предизвик според Теодора Милеска, основачка на „Период.Скопје“, организација која се бори за правилно информирање околу менструалното здравје и против менструалната сиромаштија.
„Сметам дека менструалните продукти треба да бидат поставени на видливо и лесно достапно место во самите училишни тоалети, бидејќи токму таму им се потребни на ученичките. Тие можат да бидат обезбедени преку диспензери или едноставни кутии што ќе овозможат производите да бидат достапни во секое време, без дополнителни чекори. Потребата ученичките да побараат влошки од наставник, педагог, психолог или друго задолжено лице претставува дополнителна бариера и може да биде обесхрабрувачка, особено во општество во кое менструалната стигма сè уште е присутна. Исто така ваквиот систем не гарантира континуирана достапност на производите. Што се случува кога лицето задолжено за нивното издавање не е на работа, кога кабинетот е заклучен или кога едноставно не е присутно во моментот кога производот е итно потребен? Ова не е хипотетичка ситуација, туку реалност со која и самата сум се соочила како ученичка. Во такви моменти, ученичките остануваат без навремен пристап до основен хигиенски производ, што може да предизвика дополнителен стрес, срам и пропуштање на наставата“, објаснува Милеска.

Од дописот што го пративме до неколку средни училишта ни одговорија само две, СУГС „Никола Карев“ и СУГС „Јосип Броз Тито“. Оттаму велат дека бесплатни менструални прозводи се достапни во нивните училишта.
„Во училиштето веќе две години се достапни бесплатни менструални производи за ученичките. При реализирана хуманитарна активност во училиштето дел од собраните средства беа употребени за набавка на менструални влошки и истите беа доставувани до ученичките соодветно на нивните потреби. Во текот на второто полугодие од минатата учебна година Град Скопје донираше пакет менструални влошки и сандаче за чување на истите кое беше поставено во училиштето. Исто така беа поделени во канцелариите на раководителите на настава и педагошко-психолошката служба каде ученичките можеа да подигнат влошки кога им беа потребни. Поставени беа на приземјето од училишната зграда во јавна просторија лесно достапна за ученичките и доволно дискретна од останатиот дел од училишниот хол, како и во канцелариите од службите. Ученичките беа информирани преку класните раководители и интерни социјални групи наменети за информирање. Фреквенцијата на барање беше различна во одделни периоди, но воглавно редовно и беа потрошени сите набавени менструални влошки“, велат надлежните од училиштето „Никола Карев“.
Од СУГС „Јосип Броз Тито“ ни одговорија дека во училиштето постои диспанзер за бесплатни менструални продукти, кои се на видливо место и лесно достапни.
„Ученичките се запознаени за време на клсаен час и преку ученички совет, а во врска со количините на менструални производи сè уште немаме сигурен точен податок бидејќи употребата на истите почна при сам крај на минатата наставна година“, велат од училиштето.
Во Струга, бесплатните производи сè уште се само предлог
За разлика од дел од скопските училишта каде што велат дека обезбедуваат бесплатни менструални производи, во средните училишта во Струга тие сè уште не се достапни. Надлежните од општината велат дека во Предлог-програмата за еднакви можности за 2024 година било предвидено обезбедување бесплатни менструални производи за учениците, но предлогот не бил прифатен на координативната средба од страна на советниците.
Како причини зошто досега не се обезбедени производи од општината ги наведуваат „незаинтересираноста, стигмата и негативните очекувања за успешна реализација“. Во општина Струга има 11 основни и две средни општински училишта.
„За оваа учебна година 2026/2027 во план е да се спроведе истражување кај средношколките за потребата за бесплатни менструални приозводи и доколку во одговорите преовладува и е позитивно прифатено, темата ќе биде повторно ставена во предлог програма до Советот на општина Струга“, велат надлежните.
За Калина Чакареска од струшкото средно училиште „Д-р Ибрахим Темо“ , проблемот не е само во достапноста на производите, туку и во недостатокот на едукација. Таа вели дека во нејзиното училиште нема бесплатни менструални производи.
„Недостатокот на бесплатни менструални производи може да влијае врз присуството и концентрацијата на ученичките. Менструалното здравје не е доволно интегрирано во образовниот систем и дека се потребни повеќе едукација и услови во кои ученичките ќе се чувствуваат сигурно и поддржано “, вели Чакареска.

Менструалната сиромаштија и натаму предизвик за младите
Од Период.Скопје најмногу алармираат за потребата институциите конечно да ја препознаат менструалната сиромаштија и менструалното здравје како прашања што ги надминуваат рамките на таканаречените „женски прашања“. Иако ДДВ-то за менструални производи е намалено од 18 на 5 проценти сепак и понатаму недостасува системско и одржливо решение на национално ниво.
„Станува збор за прашање на јавно здравје, пристап до образование, социјална правда и еднакви можности за сите. Кога едно девојче пропушта настава затоа што нема пристап до менструални производи, кога младите растат без соодветни информации за менструалното здравје или кога менструацијата останува тема обвиена со стигма, последиците не ги чувствуваат само поединците, туку и целото општество. Потребно е институциите да разберат дека успехот, напредокот и благосостојбата на девојките и жените се неодвоив дел од развојот на државата – и економски и социјално“, објаснува Милеска.
Од Период.Скопје како најголеми предизвици за младите ги издвојуваат условите во училишните тоалети, пристапот до менструални производи и недостатокот на навремени информации.
Според најновиот Извештај за пристап до вода, санитација и хигиена во училишната средина за 2024 година на Институтот за јавно здравје, тоалетите и понатаму се најслаба точка, а забележано е и влошување во достапноста на основните средства за хигиена во споредба со 2023 година.
„На проблемот со пристапот до производи се надоврзува и фактот дека една средношколка во просек губи околу 36 дена образование во текот на четиригодишното средно образование поради предизвици поврзани со менструацијата“, вели Милеска.
Таа додава дека последните наоди од истражувањата покажуваат дека менструалната сиромаштија останува сериозен предизвик.

„Според податоци од истражувањето „Менструална правда“, 1 од 5 средношколки барем еднаш не била во можност да набави менструални производи, додека кај девојките и жените над 18 години ситуацијата е уште позагрижувачка, 1 од 3 се соочила со истиот проблем. Иако во Националната стратегија за млади е предвидено обезбедување бесплатни менструални производи во основните и средните училишта, оваа мерка сѐ уште не е системски имплементирана и производите во најголем дел од училиштата не се достапни. Дополнително, од 2021 година наваму се соочуваме со зголемени трошоци за живот и сѐ поголем економски притисок врз домаќинствата. Кога на тоа ќе се додаде и неисполнувањето на предвидените мерки и политики, основано е да очекуваме дека состојбата со менструалната сиромаштија не е подобрена, а можно е и дополнително да се влошила“, додава Милеска.
Според сеопфатното истражување „Менструална правда“ во 2021 година на организациите „Тиииит.инк“ „Реактор“ и „Период.Скопје“ државата би ја чинело 205 милиони денари годишно да обезбеди менструални производи за сите средни и основни училишта. Милеска вели дека иако проценката е направена во 2021 година, а денес поради инфлацијата и промените во цените веројатно би била нешто повисока, сепак, останува добар показател за обемот на потребните средства.
Дополнително годинава од „Период.Скопје“ побарале увид во тоа дали општините обезбедуваат бесплатни менструални производи или имаат предвидено буџети и мерки во оваа област.
„Од вкупно 81 општина, одговор добивме од само 22, односно околу 27%. Она што го покажаа одговорите е дека речиси ниту една општина нема обезбедено буџет, донесено одлука или воспоставено системска мерка за обезбедување бесплатни менструални производи во училиштата. Најчестите одговори беа дека не се преземени активности, нема обезбедени средства или дека доколку има потреба, училиштата самостојно треба да се справат со неа. Единствен пример на конкретна активност што го забележавме беше во Општина Пробиштип, каде што биле спроведени едукативни сесии на темата “, вели Милеска.
Од организацијата ХЕРА велат дека во последните години менструалната сиромаштија и менструалното здравје почнале поотворено да се дискутираат, а позитивна промена е тоа што денес за темата се зборува многу поотворено и таа е присутна во медиумите, јавните дискусии и стратешките документи. Сепак и според нив, тоа сè уште не е преточено во пракса.
„За голем број девојчиња и млади жени пристапот до менструални производи и понатаму претставува финансиски товар. Дополнително, во дел од училиштата, има несоодветни санитарни услови и недостиг на основни средства за хигиена, како сапун и тоалетна хартија. Како најитна промена е воспоставувањето функционален и одржлив систем за бесплатни менструални производи во сите основни и средни училишта, со јасно определен буџет, одговорни институции, редовно снабдување и следење на примената. Потребна е многу поголема политичка волја за заложбите да се преточат во конкретни одлуки, буџетски средства и практична примена во училиштата“, велат од организацијата.
Според нив, треба јасно да се утврди кој ги набавува производите, од кои средства, како се дистрибуираат и како ќе се обезбеди нивната континуирана достапност.
Која институција ќе ја спроведува мерката?
Одговорна институција според минатиот Акциски план до 2025 била Министерството за локална самоуправа, а како вклучени институции, меѓу другите се и средните училишта, ЗЕЛС, Министерството за здравство и единиците на локалната самоуправа.
Но во новиот Нацрт-акциски план 2026-2027 на Националната стратегија за млади оваа мерка засега е изоставена, иако сè уште Акцискиот план е во фаза на гласање. Во меѓувреме, останува нејасно и кој институционално треба да ја спроведе мерката.
Од Министерството за локална самоуправа сметаат дека тоа не е во рамки на нивните законски надлежности. Во Мислењето што го испратиле до Владата по Нацрт-Акцискиот план 2026–2027 за воведување локален фонд/буџет од страна на општините за менструална хигиена во основните и средните училишта, посочуваат дека немаат законска надлежност да предлагаат одлуки со кои би се утврдувале буџетски намени во рамки на буџетите на општините.
Истото се однесува и на активноста за набавка и дистрибуција на менструалните производи до учениците. Министерството за локална самоуправа бара да биде изземено како водечка институција, бидејќи, како што наведува, нема законска основа за спроведување на оваа активност.
За воспоставување локален фонд или буџет за менструална хигиена во основните и средните училишта според минатиот Акциски план бил поставен рок до декември 2023 година, додека набавката и дистрибуцијата на производите требало да се реализираат во текот на 2024 година.
Стигмата сè уште постои, а недостасува информираност
Недостигот на бесплатни менструални производи не е единствената пречка со која се соочуваат средношколките. Во разговорите со ученичките се повторува и недостатокот на информации и поддршка од образовниот систем.
Една од средношколките вели дека во училиштето „малтене и да не се зборува на оваа тема“ и дека не се сеќава на посебна едукација за менструалното здравје во рамките на наставата. Најголемата поддршка, вели таа, ја добиваат меѓусебно, кога си помагаат со менструални производи. Слично искуство има и Героска од „Орце Николов“, која вели дека информациите за менструалното здравје ги добиваат „скоро целосно од интернетот или пак од дома“, додека во образованието темата се обработува само на еден или два часа по биологија, кога се изучува репродукцијата.
„Можеби на предметот физичко образование би можело да се одвојат часови за сексуална едукација вклучувајќи менструално здравје, или пак повеќе фокус да се стави на таа тема на часовите по биологија. Всушност, мислам дека една од причините поради кои образованието не става акцент на менструацијата е бидејќи таа сѐ уште се гледа како табу тема, или како нешто кое не е важно да им се предава на сите, бидејќи ги засегнува само девојчињата а не и момчињата – но и тие имаат дома мајка и сестра, имаат другарки и еден ден ќе имаат жена и ќерка, па и тие треба да имаат знаење за менструацијата! Кога станува збор за професорите, можам да кажам дека само една професорка во целото училиште отворено ни имаше кажано дека чува резерва менструални производи во нејзината фиока и дека сите можеме слободно да ѝ се обратиме кога тоа ни е потребно. Впрочем, верувам дека која било професорка би се обидела да ми помогне во случај ненадејно да добијам и да побарам помош од неа, но клучната разлика е во начинот на кој ни се претставиле за таа работа. Секако не би се чувствувала исто ниво на комотно да ѝ се обратам на професорка која никогаш не спомнала ништо за менструацијата, колку што би се чувствувала да ѝ пријдам на некоја која повеќепати нагласила дека е тука што и да ми е потребно“, вели Героска.
И Милеска според искуството на „Период.Скопје“ го посочува како предизвик недостатокот на навремени информации. Тие собрале 70 приказни за првата менструација и велат дека голем број девојчиња не биле подготвени за тоа што се случува кога првпат добиле менструација.
„Родителите често очекуваат училиштата да ја обработат темата, додека училиштата очекуваат разговорот да се води дома, па во оваа празнина на мискомуникација остануваат девојчињата, без основни информации за сопственото тело и менструалното здравје“, вели Милеска.
Ученичката Чакареска од Струга вели дека меѓу учениците има сè поголема отвореност за разговор за менструацијата, но дека информациите најчесто ги добиваат преку интернет, здравствени работници и семејството.
„Во последните години темата е повидлива отколку порано, но мислам дека сè уште не е доволно застапена. Потребни се поконкретни мерки и поголема вклученост од институциите. Менструалното здравје не треба да биде табу-тема, туку прашање на здравје, достоинство и еднакви можности за сите ученички“, вели Чакареска.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот. Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.






