Безживотно тело извлечено од реката Драгор во Битола

Безживотно тело на 66-годишен битолчанец било пронајдено во реката Драгор, со што трагично завршила потрагата по него откако пред неколку дена бил пријавен за исчезнат.

Од СВР Битола информираат дека на 8 јуни било пријавено дека во населбата „Кланица“, кај местото викано „Дрвено мовче“, во водите на реката Драгор било забележано безживотно тело.

По извршеното препознавање било утврдено дека станува збор за В.К. (66) од Битола, за кого на 2 јуни негов роднина пријавил во полиција дека се оддалечил од домот и му се губи трагата.

Лекар од Итната медицинска помош од Битола констатирал смрт без видливи траги на насилство. По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, која треба да ги утврди точните причини за смртта.

Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Битола.

Back to top button
Close