Бидејќи СДСМ бара, Гаши нека ја свика матичната комисија за законот за бранители, вели Мицкоски

Бидејќи тоа го бара Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), еве го повикувам спикерот на Собранието Африм Гаши да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади за законот на бранители. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски на прашањето кога предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка може да се најде пред матичната комисија, посочувајќи дека тоа не зависи од него.

Премиерот Христијан Мицкоски на поставување на камен-темелник на спортска сала во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Општината Ѓорче Петров / Фото: ВМРО-ДПМНЕ
„Дали и кога ќе дојде законот за бранителите пред комисијата не знам. Тоа не зависи од мене. Јас сум сепак претседател на Владата. Но, кога ќе дојде, тој ќе ја има нашата поддршка“,рече премиерот.

Прашан за коментар за изјавата на пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, истовремено и предлагач на овој закон, која ја повика власта да постапу исто како и со Законот за унгарскиот заем, Мицкоски рече дека пратеничката се уште не ги разбира пратеничките процедури и дека тој како личност не функционира на закани.

Претходно, коментирајќи ја вчерашната изјава на пратеникот Халил Снопче дека доколку се изгласа законот за бранителите, коалицијата „Вреди“ ќе ја напушти Владата, премиерот кусо порача „Нека му е со среќа“.

Back to top button
Close