БИРН: „Висат на конец“ станови, дуќани и дворови на ВМРО-ДПМНЕ

Анализата на БИРН на неправосилно конфискуваниот имот од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека станува збор претежно за објекти што се заведени како семејно домување во згради и куќи, а помал дел катастарски се водат како деловни простории и дуќани.

Вкупната површина на имотот што во катастарот се води како „станбени куќи“ е околу 1.000 квадрати, исто колку и на „станбените згради“, околу 900 квадрати. Во некои од имотните листови, партијата како рамноправен косопственик и со другите станари, поседува и заеднички простории како ходници, лифтови…

Така е на пример во Кисела Вода, во зграда на улицата Коста Новаковиќ. Таму меѓу седумдесеттина станари, меѓу кои има и фирми, сопственоста над заедничките простории ВМРО-ДПМНЕ ја дели со МПЦ-ОА.

Меѓу имотот што би можел да биде конфискуван се и два помали стана на мезанинот од 29 и 34 квадрати на улицата Методија Митевски-Брицо во Делчево. Становите се едно до друго со броеви 4 и 5.

На „листата“ што ј соопшти судот е и имот што во Катастарот во Кочани е впишан како „дуќани“ од 142 квадрати.

Во некои од имотните листови, партијата поседува и дворови, како што е тоа случајот со Кавадарци. Таму се впишани 220 квадрати дворно место. Слично е со Виница, каде што партијата поседува дворно место од 155 квадрати.

Заедно со овој имот би можело да биде конфискувано и земјиште под зграда во Берово, Струмица, Кисела Вода…

Од поголемите градови, имотот на партијата што „виси на конец“ е во Охрид, Струга, Кочани, Гевгелија, Неготино, Струмица, Штип, Велес, а од помалите во Новаци, Лозово, Пехчево, Нов Дојран, Богданци, Теарце…

Според пресудата, парите со кои бил купен целиот овој имот се од порамнувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и скопски „Бетон“, бидејќи добила пет проценти помалку површина од ветеното. И затоа на партиското конто „Бетон“ исплатил нешто над два милиони евра.

 

 

повеќе

Back to top button
Close