„Бистро-Матно“: Февруарски извештај за корупција од Транспаренси Интернешнл-Македонија

Транспаренси Интернешнл-Македонија го објави месечниот извештај „Бистро-Матно“ за февруари 2025 година, кој ги следи случаите на корупција и борбата против неа. Извештајот вклучува неколку значајни настани помеѓу кои како „матна“ е посочена истрагата за поткуп и проневера во Сслужбата за општи и заеднички работи (СОЗР), а „бистра“ е иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска против Деловникот на Советот на Јавни Обвинители направен заради себеунапредување.

„Барометарот на корупција“ на Транспаренси Интернешнл-Македонија како „матни“ настани за февруари ги издвојува истрагата за поткуп и проневера во СОЗР. ОЈО Скопје донело наредба за спрoведување истражна постапка против две лица, за поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата на Република Северна Македонија, Пеце Мирчески, кој се сомничи за примање поткуп и проневера во службата и за сопственик и управител на правен субјект за кој постои сомневање за давање поткуп.

Потоа, како „матен“ е наведен и случајот за кој Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против едно лице и предлог обвинение против четири лица за злоупотреби поврзани со реконструкција на фасадата и осветлувањето на зградата на Владата, што беше дел од проектот „Скопје 2014“. Обвинението, според Обвинителството, се заснова на докази од периодот февруари – април 2013 година, со кои е нанесена штета на државниот буџет од приближно 3 милиони евра. Меѓу обвинетите се и првиот човек на градежната компанија „Бауер БГ“, како и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Донев.

Во овој дел е наведен и случајот со осумдесетина поранешни и актуелни функционери кои ќе платат казни откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила дека не пријавиле имотна состојба, не ги доставиле бараните документи во определен рок или не се изземале во одредена постапка.

Воедно, „матен“ за февруари е и случајот со поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје кој дозволил привремено да шетаат на слобода пет осуденици од висок безбедносен ризик. Имено, петмина осуденици од затворот во Шуто Оризари, незаконски биле привремено ослободувани по 8 до 10 часа, а тоа им го овзоможувал поранешниот директор Филип Андов кој е осомничен заедно со уште девет лица во постапката на Обвинителството за гонење на органзииран криминал и корупција. Тие се гонат за „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ и кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Случајот во кој член на комисија на АЕК не ги исполнувал условите, но лицето било именувано на функцијата од собранието без соодветно образование и немање на потребно работно искуство, е исто така, наведен како „матен“. Државната комисија за спречување корупција по претходна пријава констатирала дека лицето кое било избрано и именувано на оваа висока позиција од страна на Собранието не ги исполнувало дел од условите.

Утврдените слабости од страна на ДЗР во работењето на Централен регистар, вклучувајќи продажба на патнички моторни возила без согласност од Владата, неусогласености во евиденцијата на приходи и нефункционирање на одредени регистри е меѓу „матните“ случаи. Дополнително и утврдените проблеми со долгови, неправилности во вработувањето и законски недоречености кои влијаат на ефективноста на институцијата.

Ревизија, исто така, е со сериозни забелешки за Агенцијата за вработување во извештајот за 2023 година. Односно, наведени се сериозни слабости во спроведување на мерките за вработување и проблеми во распределбата на средствата се нотираат во извештајот за 2023 година на Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека овие мерки не се спроведувале според принципот на рамномерен регионален развој.

Потоа, недостигот на инспекциски надзор кој го намалува ефектот на контролите во студентските домови, исто така, утврден од ДЗР.

„Матен“ според Транспаренси Интернешнл е делот во кој македонската борба против корупција бележи пад од 12 места – Со само два поени помалку од 2023 година, Северна Македонија ја завршила 2024 година со пад од 12 позиции на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за нивото на борба против корупцијата.

Според Индексот за перцепција на корупција за 2024, земјава е рангирана со 40 поени на 88-то место од 180 држави. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше рангирана на 76-тото место главно заради критиките за измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.

Од друга страна „бистри“ настани за февруари според Транспаренси Интернешнл се прифаќањето на иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска против Деловникот на Советот на Јавни Обвинители направен заради себеунапредување. Уставниот суд едногласно ја прифати иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска да се поведе постапка за испитување на уставноста на Деловникот на Советот на јавни обвинители, кој пропишува дека иако не работат на предмети, додека се 4 години на функција во Советот стажот им се смета како позитивно оценет. Со таа висока позитивна оценка, член на Советот на јавни обвинители од редот на обвинителите, кога ќе излезе оттаму, може да конкурира за унапредување.

Исто како и случајот во кој директор и шестмина вработени во тетовското Социјално ќе одговараат за злоупотреби. СВР Тетово поднесе кривична пријава против седуммина вработени во Центарот за социјални работи во Тетово, поради постоење основи на сомнение за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и фалсификување документи, со што овозможиле незаконска исплата од 289.495 денари, соопшти полицијата.

„Бистар“ е и случајот на ОЈО во кој се извршени претреси на 16 локации и се истражуваат наводите за незаконски договори кои вклучуваат јавни набавки. По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи почна предистражна постапка за злоупотреби поврзани со јавни набавки за сервисирање на службени возила. Истрагата вклучува дел од вработените во Одделот за општи и заеднички работи на МВР, кои се осомничени за злоупотреба на службената должност и договори со економски оператори.

Тука е вброена и кривичната пријава за поранешниот в.д. директор на болницата во Охрид. Имено, полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Општата болница во Охрид, поради злоупотреба на службената положба и овластувања. Според СВР – Охрид, поранешниот в.д. директор со пропуштање на должен надзор и без постоење правен основ, на четворица вработени во ЈЗО, кои немале решенија за раководна позиција, им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари.

Back to top button
Close