Битиќи: Владата не враќа ДДВ, не исплаќа плати и енормно се задолжува кај домашните банки
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи вчера во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 предупреди на сериозни проблеми со јавните финансии и економската политика на Владата.
„Реалноста е таа дека ние сме влезени во циклус од 6 до 9 месеци на невраќање на ДДВ и неплаќање на обврски кон стопанството, коешто Владата не го кажува, а што го кажуваат самите стопанствениците“, изјави Битиќи, притоа нагласувајќи дека кога Владата станува најголем должник, било по основ на поврат на ДДВ, било по основ на договорни обврски, тоа е сериозен проблем за економијата затоа што предизвикува неликвидност во стопанството и намалување на активноста.
„Факт за ова е податокот за индустриското производство за февруари од минус 0,8%“, рече Битиќи и појаснувајќи дека доцнењето на повратот на ДДВ кон стопанството е незаконски.
Битиќи истакна дека економскиот раст кој Владата го најавува не се заснова на индустрија и стопанство, туку на јавни инвестиции, кои исто така потфрлаат.
„Нормално е проекциите на Светска банка да бидат такви какви што се, а тоа е да кажат дека годинава ако завршиме на ниво од 2,6% можеме да бидеме среќни како држава“, рече Битиќи, додавајќи дека проекциите се базираат на реалната можност за спроведување на инвестициите, а не на пропаганда.
Во врска со доцнењето на исплатата на платите во дел од јавниот сектор, Битиќи рече: „Ако сакаме пред јавноста само да кажеме дека само се случил административен пропуст со доцнењето на исплатите на плати, реалноста е дека еден од инспекторатите, кој е под Министерство за економија, четири месеци нема земено плата.“
Тој потсети дека законски рок за усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа е шест месеци и праша: „Не ли оваа Влада работи законски, како по 10 месеци уште ќе се усогласуваме и заради тоа не се исплатени платите?“
Тој исто така нагласи дека кога се зборува за јавни финансии мора да се гледа што се случува во секој сегмент – платите, пензиите, социјалните давачки и функционирањето на стопанството.
Во однос на задолжувањето, Битиќи посочи на зачестената динамика на задолжување на Владата кај домашните банки.
„Да земеме еден сегмент кој никој не сака да го збори – од 8 октомври 2024 година кога е потпишан договорот во Будимпешта за една милијарда задолжување, од тој ден до денес се издаваат 17 државни обврзници, нивната вкупна вредност е 27,9 милијарди денари или 453 милиони евра. Дополнително, само во март од Шпаркасе банка земени се и 70 милиони евра,“ рече Битиќи.
Битиќи заклучи дека буџетот се полни преку нови задолжувања, а не преку здрави приходи, предупредувајќи дека годинешниот дефицит според долгогодишната стратегија за управување со јавни финансии и фискалната консолидација не укажува, што е една од забелешките на ММФ, дека како земја доцниме во фискалната консолидација затоа што во суштина буџетскиот дефицит го надминува тоа што треба да го имаме.