Бизнис интересите на семејството Трамп на Блискиот Исток
Неговиот планја позиционира Газа во смисла на потенцијал за недвижен имот, а не нејзината хуманитарна или политичка ситуација. Откако изјави дека САД „ќе го преземат Појасот Газа“ и „ќе го поседуваат“, Доналд Трамп рече: „Имаме можност да направиме нешто што може да биде феноменално (…) Не сакам да се правам паметен. Но, ‘Ривиерата на Блискиот Исток’ може да биде нешто што би можело да биде толку фантастично.“
Сега сите полека се сеќаваат на идеите што Џаред Кушнер ги изнесе во интервјуто на Универзитетот Харвард во февруари 2024 година, кога рече дека недвижностите на брегот на Газа би можеле да бидат „многу вредни доколку луѓето се фокусираат на градење подобри услови за живот“. Тој додаде дека, од израелска перспектива, тој би сторил сé за „да ги премести луѓето и потоа да ја исчисти областа“.
Трамп оттогаш дополнително ја нагласи својата позиција, дури и сугерираше дека на Палестинците нема да им биде дозволено да се вратат во Газа, „бидејќи ќе имаат многу подобро сместување“, изјави тој за Фокс њус на 10 февруари. Сето ова е само потсетување дека за Трамп и неговото семејство Блискиот Исток е бизнис интерес како и сѐ друго во светот.

Кои се деловните интереси на Трамп на Блискиот Исток?
Регионот стануваше сè поважен фокус на Организацијата Трамп, конгломерат за недвижнини и угостителство, кој во моментов е управуван од синовите на Трамп, Ерик и Доналд Јуниор. Во последниве години, тие склучија неколку договори со саудиската компанија за недвижности Дар Глобал, меѓународен огранок на саудиската компанија Dar Al Arkan Real Estate Development Company.
Во Оман се веќе во развој луксузен хотел и голф-ресорт со брендот на Трамп, додека Организацијата Трамп и Дар Глобал објавија планови за два проекта Трамп Тауер – еден во Џеда, Саудиска Арабија и еден во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Претходниот проект Трамп Тауер во Дубаи, кој требаше да вклучува хотел и апартмани, беше најавен во октомври 2005 година, но беше откажан во 2011 година поради глобалната финансиска криза.
Трамп веќе поседува голф клуб во Дубаи, отворен во 2017 година. Овој клуб е изграден во партнерство со DAMAC Properties, компанија предводена од Хусаин Сајвани. Во јануари 2025 година, Сајвани се појави заедно со Трамп на прес-конференција, каде беше објавено дека DAMAC ќе инвестира „најмалку“ 20 милијарди долари (19,39 милијарди евра) за изградба на нови центри за податоци низ САД.
Новите договори во Оман, Џеда и Дубаи ќе ѝ овозможат на Организацијата Трамп да ги дизајнира, управува и брендира кулите и луксузниот ресорт. Овие зделки првенствено се однесуваат на брендирање, а не на сопственост, што на фамилијата ѝ носи милиони долари во замена за употребата на нивното име.
Трамп и членовите на неговото семејство, од Кушнер до неговите синови, постојано зборуваат за зголемената важност на Блискиот Исток за нивните деловни интереси. Непосредно пред објавувањето на договорот со Џеда, Ерик Трамп за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ изјави: „Дефинитивно ќе работиме и други проекти во овој регион. Регионот доживува експлозивен раст и тоа нема да запре наскоро“.

Што е со Саудиска Арабија?
Саудиска Арабија, клучен американски сојузник на Блискиот исток, станува сè поважна за интересите на семејството Трамп во регионот.
Покрај проектите со Дар Глобал, Организацијата Трамп тесно соработува и со LIV Golf, една од најистакнатите и најконтроверзните спортски инвестиции на Саудиска Арабија. Организацијата Трамп поседува бројни терени за голф ширум светот и добила исплати од ЛИВ за да биде домаќин на неколку турнири на нејзините локации во САД.
Во меѓувреме, приватната компанија на Кушнер, Афинити Партнерс, која е одвоена од Организацијата Трамп, воспостави блиски врски со Саудиска Арабија и нејзиниот државен инвестициски фонд, познат како Фонд за јавни инвестиции (ПИФ).
ПИФ, со кој претседава саудискиот престолонаследник и де факто владетел Мохамед бин Салман, инвестираше 2 милијарди долари во Афинити. Неколку други големи инвеститори од Заливот исто така вложија пари во проектот на Кушнер, вклучително и Катарскиот инвестициски фонд и управителот со имоти Лунате, кој има седиште во Абу Даби.
Кушнер има значајни инвестиции и во Израел, особено во осигурителната компанија Феникс Холдингс и Шломо Груп.
Дали има конфликт на интереси за Трамп?
Широките деловни интереси доведоа до критики дека за Трамп би можело да има повеќе конфликти на интереси при решавање на прашања во регионот.
Иако Доналд Трамп се откажа од сите менаџерски улоги во неговите бизниси кога првпат беше избран за претседател во 2016 година, неговото семејство остана присутно во неговите политички активности и кампањи, и покрај нивните тековни деловни ангажмани.
Кушнер, во меѓувреме, ги искористи контактите што ги оствари за време на неговата претходна улога како советник во првата администрација на Трамп за да го изгради своето инвестициско портфолио на Блискиот Исток. Ова предизвика критики, особено поради неговите блиски врски со саудиското кралско семејство.
Сепак, тој на почетокот на 2024 година во интервју за американскиот портал Аксиос, се бранеше со зборовите:
„Ако ме прашате за работата што ја направивме во Белата куќа, би им рекол на моите критичари: покажете ми една единствена одлука што ја донесовме, а не беше во најдобар интерес на Америка.“

Дали Трамп гледа на Газа како на потенцијален проект за недвижности?
И Трамп и Кушнер се јасно заинтересирани за развој на Газа како проект за недвижности, а не како дом за повеќе од 2 милиони Палестинци кои моментално живеат таму.
„Таму ќе живеат луѓето од светот“, рече Трамп. „Претворете го во меѓународно, неверојатно место. Потенцијалот во Појасот Газа е неверојатен“, изјави американскиот претседател во свој стил.
Планот на Трамп предизвика бурна реакција од Палестинците и брза осуда од голем број влади ширум светот. Исто така, постојат и сериозни сомнежи за неговата изводливост на повеќе нивоа.
Сепак, со оглед на растечките деловни интереси на Организацијата Трамп на Блискиот Исток и јасните изјави на Трамп и Кушнер, се чини дека тие се многу сериозни во врска со нивната идеја за „уредување“ на Блискиот Исток.(dw)