Блокирани умови

Што правите? Еве ништо, мај дојде, пролетта уште не запролетила, а ние ги шкртаме деновите до истекот на ултиматумот што Мицкоски му ги постави на Ковачевски – да си се нацртал на состанок за предвремени избори, инаку ќе видиш ти. Е што ќе види? Кога Мицкоски ќе се закани дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе прави активна блокада, има ли нешто досега невидено? Ова досега беше пасивна блокада? Па ВМРО-ДПМНЕ ја блокира државата уште од ноќта на долгите ножеви пред Државната изборна комисија на 17 декември 2016 кога им цртаа некролози на странските амбасадори во земјава.

Блокадата продолжи и во јануари, февруари 2017 кога Груевски си ги трампал плацевите за станови, за после да ги вика сопартијците да не седат дома во папучи, да им ги кршат главите на пратениците на СДСМ и на новинарите во Собранието за да не му се откријат криминалите. Тие блокади траат и до денеска. Ќе блокираш закон за наставници, па после ќе ги вадиш наставниците на штрајк. Паметите ли кога ние сме имале функционално Собрание?

Плус, каква пракса на политичка култура се негува во земјава, ако тие што нема да успеат да состават влада цело време работат на блокада на државата? Утре ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, па после СДСМ ќе прави блокади? А ние будали, ќе ги плаќаме од буџетот. За да ни го блокираат нашиот живот. Лесно му е на Мицкоски да блокира закони со кои ќе им се комплицира животот не само на тие што гласале за власта, туку на сите граѓани, па и на гласаачите на неговите пратеници, додека нему му тече ем државната плата на факултет, ем му стигаат приходи од приватниот бизнис со струјата, ем од буџетот му ја финансираме партијата за чија палата со години не плаќале данок на имот. И тоа што Мицкоски зборува во името на пратеничката група, а самиот не е избран пратеник, не е ништо ново. Сме ги виделе пратениците и досега дека не гласаат по своја совест.

Мицкоски им вика – јас сум вашата совест. Ама што правиме со сите оние умни глави што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со ултиматум ги нуди да ја спасуваат земјата од кризата? Ниту еден од нив нема храброст да му рече: Ало претседателе, ако сме опозиција не мора да бидеме деструктивни. Толку ли му се плашат дека ќе ги избрка од партијата? Па што ако ги избрка? Ако се толку стручни да спасуваат цела држава од криза, сигурно ќе се снајдат во животот и без милоста на лидерот. Па со тој себап, и за државата ќе направат нешто корисно. Кога ја нудат својата експертиза, кому ја нудат – на државата, или на СДСМ? Или само за ВМРО-ДПМНЕ се стручни, па ако Мицкоски не е премиер, нека пропадне државата. Патриоти ли се, или вмроти? Мицкоски, заедно со заканата за активна блокада што треба да ја испорачаат неговите пратеници, се закани и дека „следуваат досега невидени мерки“. Единствени, досега невидени мерки би биле ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се откажат од дневниците и од патните трошоци додека го блокираат Собранието. Оти се избрани и примаат плата за да работат, а не да не работат. Башка, како запнал Мицкоски за предвремени избори, чиниш Груевски веќе купил карта за враќање од азилот во Будимпешта.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close