Бојмацалиев: Никој никого не саботира во Министерството за внатрешни работи за пасошите, обрасци пристигаат

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во врска со промената на личните документи на граѓаните, односно дали некој го саботира министерот Панче Тошковски вели дека никој никого не саботира во Министерството за внатрешни работи. Тој вели дека веќе се пристигнати 20 илјади обрасци, а се очекува и друга количина која ќе ги задоволи потребите на граѓаните за документи.

„Никој никого не саботира во ова Министерство. Само ќе кажам дека на дента кога се направи примопредавањето помеѓу министерот Спасовски и министерот Тошковски, стигнаа 50 илјади обрасци, пред некој ден стигаа 20 илјади, не се работи за никаква саботажа. До крајот на месецов очекуваме поголема пратка, исто така и во јуни доаѓа голема пратка којашто ќе ги задоволи сите потреби кои се за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат документите. Уште еднаш повторувам не се работи за никаква саботажа“,рече Бојмацалиев при неговата денешна посета на СВР Куманово.

Во однос на информациите дека дел од државите дозволуваат влез со старите патни исправи, дополнителниот заменик министер кажа дека државите треба да си донесат став и ги повика граѓаните да извадат документи.

„Тоа треба да донесе ЕУ став, дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по наш закон повеќе не се во важност. Има одредени држави кои уште ги примаат граѓаните има одредени кои не. Не сакам да кажувам која држава како, за да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат и да земат нова патна исправа. До овој момент над 1 300 000 граѓани ги сменија патните исправи, што е значителна бројка, ако ги земеме предвид политичките инструкции кои ги имавме изминатите три години“ кажа Бојмацалиев.

Прашан за инцидентот кој се случи во неделата наутро, дополнителниот заменик министер кажа дека е поднесена една кривична пријава против едно лице кое спречило колега да извршува службени дејствија.

„Утрово сум информиран дека истрагата се проширува уште кон двајца колеги. Повеќе информации не би можел да дадам“,изјави тој.

Бојмацалиев денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски оствари работна средба со раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи рече дека безбедносната состојба е поволна и упати порака дека полицијата ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните и спроведување на фер и демократски избори.

 

Back to top button
Close