Боки ќе ги бара за сведоци цело семејство Заеви, премиерот Спасовски, министри, градоначалници, директори, новинари…

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, неговата сопруга Зорица, неговиот брат Вице и неговиот татко Трајче, се предложени за сведоци на судењето за случајот „Меѓународен сојуз“, од страна на бранителот на обвинетите Бојан Јовановски, Христина Блажевска и Миле Јовановски, дознава Плусинфо. Заеви треба да сведочат за „околности побрзани со диспозитивот на обвинителниот акт“.

Судејќи според листата на докази што ја предложил бранителот, а особено според делот во кој се предлагаат сведоци за сослушување, се чини дека Бојан Јовановски решил да постапи поинаку одошто на судењето за случајот „Рекет“, на кое веќе падна првостепена пресуда.

Така, освен членовите на семејството Заеви, на листата се и техничкиот премиер Оливер Спасовски, министрите Мила Царовска и Горан Сугаревски, портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, градоначалниците Петре Шилегов (Скопје), Стефан Богоев (Карпош), Наташа Петровска (Битола), Анго Ангов (Дојран), Александар Кирацовски.

Од раководните луѓе на институциите, на списокот на сведоци што сака да ги сослуша одбраната се директорката на УЈП Сања Лукаревска и Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција. Бранителот на Јовановски сака да ги види на клупата за сведоци и бизнисмените Силјан Мицевски од Битола и Адријан Амзоски од Струга. Од универзитетот ФОН на списокот се Сефер Цановски и Нано Ружин.

Од новинарите од поранешната 1 ТВ на листата на сведоци е само уредникот Ацо Кабранов. Прв на списокот сведоци е бизнисменот Јордан Камчев, а последна е познатата авторка на текстови на поп нумери Марина Туцаковиќ од Белград.

Back to top button
Close