Бразил е новиот домаќин на „Копа Америка 2021“

Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) ја додели организацијата на „Копа Америка 2021“ на Бразил, по откажувањата на Колумбија и Аргентина.

– „Копа Америка 2021“ ќе се одржи во Бразил од 13 јуни до 10 јули“, објави КОНМЕБОЛ на официјалниот Твитер профил, неколку часови откако Аргентина се откажа од организација на Јужноамериканското фудбалско првенство поради неповолната епидемиолошка состојба во земјата поврзана со Ковид-19.

Претходно Колумбија, која заедно со Аргентина требаше да биде домаќин на „Копа Америка“, ја откажа организацијата поради нестабилната политичка состојба во земјата по бранот протести против шефот на државата Иван Дуке.

Групата А на претстојното Јужноамериканско првенство ја сочинуваат Аргентина, Боливија, Чиле, Парагвај и Уругвај, додека во групата Б се Бразил, Колумбија, Еквадор, Перу и Венецуела.

Првопласираните четири репрезентации од двете групи ќе се пласираат во нокаут фазата.

Back to top button
Close