Бројот на загинати во поплавите во либискиот град Дерна може да достигне 20 илјади
Министерот за цивилна авијација во администрацијата што управува со источна Либија изјави дека бројот на жртвите може значително да се зголеми бидејќи „морето постојано исфрла десетици тела“. Проценките се дека бројот на загинати во Дерна ќе достигне помеѓу 18 и 20 илјади
Во разорните поплави кои ја зафатија источна Либија досега загинаа над 5 300 луѓе, додека десетици илјади други се водат за исчезнати или се раселени. Најпогоден е градот Дерна каде што во невремето се урнаа две брани.
Бројот на загинати во Дерна, според градоначалникот Абдулменам ал Гаити, може да достигне и до 20 илјади.
„Се проценува дека бројот на загинати во градот би можел да достигне меѓу 18 000 и 20 000, врз основа на бројот на згради во областите уништени од поплавите“изјави Гаити за телевизијата Саудиска Ал Арабија.
Министерот за цивилна авијација во администрацијата што управува со источна Либија изјави дека бројот на жртвите може значително да се зголеми бидејќи „морето постојано исфрла десетици тела“.
Невремето што го зафати брегот на Либија, во некои области исфрли 400 милиметри дожд за помалку од 24 часа, во споредба со 1,5 милиметри дожд што земјата вообичаено ги доживува во текот на септември, пишува Би-би-си. Како последица на медитеранската бура Даниел, во пристанишниот град Дерна се урнаа двете клучни брани на реката Вади Дерна што минува низ градот. Уништени се и неколку моста.
Жителите на Дерна, на кои властите им наредиле да останат во своите домови, пријавиле дека слушнале силна експлозија пред градот да биде целосно поплавен.
Официјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) рече дека властите и на истокот и на западот на Либија разговарале меѓу себе и побарале меѓународна помош. Тој рече дека меѓународно признатата Влада на национално единство, која е со седиште во западниот дел на Либија, побарала помош во името на целата земја, „и се координирала со владата на истокот“.