Бугарско МНР: Орце Камчев нема бугарски дипломатски пасош

Бугарското министерство за надворешни работи денеска во одговор до бугарски „Дневник“ соопшти дека Орце Камчев нема дипломатски пасош издаден од таа држава.

Ова го објаснуваат од  бугарското МНР во одговор на прашањето на Дневник, еден ден откако судијата Илија Трпков во случајот против бизнисменот изјави дека во документите во барањето за посета на бугарската амбасада е и дипломатскиот пасош на Камчев.

Посетата, која беше најавена неколку дена пред одлучувачкиот втор круг од локалните избори е закажана за 5-ти ноември, една и пол недела пред парламентарните и претседателските избори во Бугарија. Судијата Илија Трпков вчера рече дека Бугарија побарала Камчев да го посети претставник на амбасадата.

Дневник праша која е причината за посетата и зошто таа е неопходна токму сега. Во писмените одговори, бугарското МНР објаснува дека тоа било побарано од адвокатите на Камчев, кој (и покрај тоа што нема дипломатски пасош) е и бугарски државјанин, а Виенската конвенција ја обврзува земјата да одговори.

„Согласно Виенската конвенција, бугарските дипломати во странство се обврзани да пружат конзуларна помош кога ќе им биде побарано на сите бугарски државјани кои живеат во конзуларната област на мисијата“, пишува МНР.

Back to top button
Close