Чао, Журим!

Туку, дај да видиме што правиме ние тука со нашите избори. Оти, кај и да е, Христијан Мицкоски ќе закрепне од ковидот и пак ќе ја урне Владата на Заев. Ај што Заев со блицкриг ги зафркна кога самиот побара гласање доверба на Владата за да им докаже дека има мнозинство. Туку, зошто вмровците излегоа од салата? Зошто не гласаа „против“? Зошто во историјата да биде запишано дека на Владата на Заев ѝ била изгласана доверба без ниту еден глас „против“? Зошто? Затоа што за да гласаш „против“ треба да имаш став. А ова ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е секогаш антипротивно – без логика и без став. Исто ко за референдумот за уставната промена на името. Не сме против, ама – против сме. Оди па разбери ги што сакаат да постигнат и сега, со кампањата за пописот. Не сме против, ама – против сме. Мицкоски ги повика Македонците од дијаспората масовно да се попишат, а во истата реченица додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè резултатите од пописот да се девалвираат. Што си мислат? Дека статистички ќе се избројат луѓе во графата „Бојкотирам“. Или „Не знам дали партијата ќе ми даде да се изјаснам што сум“. Или „За инает на СДСМ“. И дека тоа изјаснување после ќе се важи? Единствената општествена активност им е да измислуваат глупави флоскули со кои ќе сеат омраза и ќе прават хистерија. Како да имаат интерен конкурс кој ќе смисли попоетска грозота за навреда на Заев и власта – „мафијашки византизам“. Бре, бре, бре… Ама, таа активност не е корисна. Што полошо ВМРО-ДПМНЕ имаме, толку побрзо ќе го влече и СДСМ надолу. Ако ВМРО покажува дека бесрамноста и лажењето поминува, зошто тогаш од бесрамност и лажење би се срамел СДСМ? Ми е гајле мене за партиите. Ме загрижува штетата што се прави во општеството.

Целата колумна на СДК.мк

Back to top button
Close