Чекаме како црнци

Како изгледа тоа да се чека како црнец? Неодамна на една македонска телевизија, во прилог посветен на проблеми со исплата на земјоделски субвенции, еден од граѓаните, огорчен поради целодневното залудно чекање пред вратите на локалната општинска канцеларија, рече дека „ова на ништо не личи, цел ден чекаме овде како црнци“.

Со вака искажан стереотип, што апсолутно не е некаква реткост, не се осудува само однесувањето на неодговорната власт, туку, веројатно и многу повеќе од тоа, се изразува самосожалување врз сопствениот целосно понижен и обесправен граѓански статус, паднат на најниско ниво. Така барем лесно може да се сфати интенцијата да се поттикне соодветна порака содржана во претставата за кутрите црнци и нивното долго и мачно чекање. Иако, се разбира, не само од изјавата на споменатиот граѓанин, туку и во длабоко вкоренетите сфаќања на многумина други, тешко дека точно би можело да се прецизира каков е всушност карактерот на обесправеноста што се нарекува „црнечко“ чекање.

Освен доколку Македонецот, – во својот град, во сопствената држава, но и пошироко во Европа, – е добро научен и навикнат да ја споредува сопствената јадосаност со нешто што поттикнува ниски побуди за „внимателно“ избирање зборови за јавна критика, која, за да прозвучи посилно, треба да биде збогатена дури и со расистички примеси. Чекањето како црнци се прогласува како „наша“ судбина. Чекање како нераскинлив дел од историскиот, но и од сегашниот идентитет, онака како што тоа го доживува обичниот македонски граѓанин. И тоа не само дека чека граѓанинот, чека и државата.

Турскиот претседател Ердоган деновиве во изјава за медиумите по НАТО-самитот во Мадрид, беше дециден, нагласувајќи дека Шведска и Финска мораат да ги исполнат своите ветувања и преземени обврски спрема Турција, за турскиот парламент на крајот да го признае нивното членство во Алијансата. Доколку не биде така, „нема да го испратиме тоа до нашиот парламент“, укажа Ердоган, потсетувајќи притоа, и правејќи јасна и недвосмислена споредба на темата „чекање“, дека беа потребни 20 години за Македонија да стане членка на НАТО. Македонија и чекањето пред портите на меѓународните организации и сојузи се очигледно добар, илустративен пример кон кој лесно се посегнува.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се држи до малку поинаков критички оглед. „Ако има одлука што нема да биде ‘да’, ќе чекаме уште многу долго за нов предлог“, рече тој во Скопје, обидувајќи се да ги охрабри македонските граѓани кои изразуваат стравување од асимилација и загрозување на нивниот идентитет и јазик. Значи, ако не биде така, вели Мишел, „ ќе чекаме уште многу долго за да дојдеме до друг нов предлог“.

Повторно чекање. Можеби како судбински знак, но овојпат изразено во множина, бидејќи со подгревање на оптимистички тонови Мишел не вели ќе чекате – туку, ќе чекаме! И дали сега вреди да се замислиме? И да се запрашаме дали со вакви изјави историското, традиционално чекање, усвоено делумно дури и како идентитески белег, добива и нова димензија, односно „заедничко“ чекање со бриселската бирократија?

Ова прашање веројатно вреди да се прошири со уште неколку нијанси, посебно по остварената „спонтана“, душегрижна посета на Мишел на Скопје. Дали, всушност, европскиот идентитет го допира своето дно и влече корени од долгата историја – но едновремено претставува и дистанцирање од минатото?

Од многу различни аспекти гледано би можеле да констатираме дека идентитетот не е нешто со што човек се раѓа, туку нешто што човек го учи и усвојува. Токму затоа, Европа, и ЕУ, може да значат различни нешта, зависно од тоа кого го прашувате да го изнесе своето мислење. Човек може да се чувствува како Битолчанец, и како Македонец, Балканец и Европеец во исто време, но на различни нивоа на сопственто сфаќање што ја диктира идентитетската определба. Нема никакво сомнение дека еден Македонец од Скопје се чувствува како таков и во Софија, и во Солун, но чувството на припадност кон Европа, како Европеец, го пренесува кон малку пошироки и подалечни географски простори, најчесто со чувство на зголемување на дистанцата од местото во кое се случува неговото секојдневие. Парадоксалното е во тоа што неретко се затвораат очите пред фактот дека посебноста на националниот идентитет се гради преку натпревар меѓу различни народи.

ЕУ е платформата што игра значајна улога во создавањето на заеднички европски идентитет. Фактот дека се одвива слободно движење на луѓе, дека функционираат заеднички европски институции и дека се одржуваат ЕУ-избори, го создава европскиот идентитет. Тоа би требало да важи како заедничко чувство на идентитетски допир и меѓу Шарл Мишел и бугарските политичари, кои идентитетот на“заедничка“ Европа ги интересира далеку помалку од парите што ги добиваат од неисцрпните европски фондови. Софија успева да ја држи настрана Европа од националистичките кавги меѓу соседите на Балканот, успевајќи да наметне перцепција дека Брисел иоанка не може да ги разбере балканските „историските фалсификати“.

Веројатно затоа и не зачудува посебно тоа што ЕУ-лидерите настојуваат да ги убедат македонските политичари да не се држат строго до некакви црвени линији што само го продолжуваат тоа пусто „чекање“. Но проблемот е сепак во тоа што европскиот идентитет, што на високо ниво се негува во ЕУ, е пред сé насочен кон елитите – главно кон бриселската Европа. Лесно им е на политичарите што парадираат во Брисел да имаат европски идентитет. Но такво нешто обичните граѓани го чувствуваат како мошне далечно, посебно оние за кои ЕУ се претвори во долго чекање пред „портите на рајот“.

И конечно, чекањето што само продолжува. Веројатно ниту Ердоган, ниту, пак, Мишел, јавно би го окарактеризирале чекањето на кое се изложени обесправени, и помалку респектирани народи, како „црнечко“, според примерот на непромисленото и невнимателно изразување на споменатиот македонски граѓанин во неговата телевизиска изјава. Такво, нешто се разбира ни најмалку не би звучело политички коректно, ниту пак би можело да помине во јавноста без да предизвика непријатни алузии на колонијализмот, експлоатацијата и асимилиацијата.

Чекањето како црнци, веројатно ќе се согласиме, не може да претставува некакво попрецизно антрополошко толкување за поблиску да се опише нечие културно и национално чувство. Но останува отворено прашањето во колкава мера воопшто може да се намали дистанцата во „заедничкото“ чекање на кое предупредува Шарл Мишел? Дистанца меѓу неговата елитистичка, европска позиција, и онаа, – мошне добро позната, – фрустрина етичка позиција на омаловажениот и потценет македонски граѓанин.

Ивица Челиковиќ

 

 

Back to top button
Close