Чулев им заблагодари на граѓаните за одговорноста, за придонесот на полицијците побара да бидат парично наградени

– Граѓаните се одговорни и генерално ги почитуваа одлуките на Владата поврзани со спречување на заразата од КОВИД-19 и речиси 70 дена, од 22 март, во различни периоди од денот остануваа во своите домови. Полициските службеници професионално, одговорно и пожртвувано си ја извршија својата задача, истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција на која им заблагодари и на граѓаните за разбирањето на ситуацијата и почитување на мерките, и на полицајците кои го контролираа спроведувањето на одлуките на Владата.

Констатираше дека Министерството за внатрешни работи успеало брзо да се екипира, реорганизира и веднаш да ги стави на располагање сите капацитети во улога на заштита на здравјето на секој поединец и затоа, рече, е бескрајно горд, среќен и задоволен.

-Им се заблагодарувам на сите вработени во МВР, а посебно на униформираните полициски службеници за секој час и секоја минута употребени за ова цел, истакна Чулев кој кај припадниците на МВР, и покрај дозата на несигурност поради непозната ситуација со која се соочуваат, забележувал, како што рече, љубов, гордост и патриотизам дека го штитат здравјето на граѓаните.

Заради придонесот на полицијата нагласи дека тие треба да ја добијат паричната награда која ја заслужуваат и ја повика Владата да ја усвои уредбата која за оваа намена ја доставил до неа.

– Грешки и пропусти секогаш има, некогаш грешевме ние, некогаш граѓаните. Но од грешките учиме и имаме можност да се подобруваме и да го подобруваме работењето на полицијата во заедницата, што е една од клучните и стратешки приоритети на МВР, истакна министерот за внатрешни работи.

Посебна благодарност упати и до припадниците на АРМ – партнери на полицијата во извршување на работните задачи и обврските во изминатиот период.

Чулев рече и дека најтешко го доживувал моментот кога одредени колеги од Владата и од МВР ја злоупотребувале полицијата за остварување, како што рече, „одредени политички цели и кога на грбот на полицијата сакаат да поентираат со неумесни и неодговорни изјави“.

Back to top button
Close