ЦИВИЛ: Партиите да донесат решение за конечно одржување на предвремените избори

 

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да донесат решение за конечно одржување на предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија. По бројните одложувања на нешто што требаше да бидат брзи предвремени парламентарни избори, нашата земја веќе нема ниту еден ден за чекање. На земјата итно ѝ се потребни функционални институции, парламент и влада со целосен капацитет.

Претседателот Пендаровски јасно и недвосмислено ги образложи своите одлуки за воведување на вонредната состојба во изминатиот период: Вонредната состојба нема врска со статистиките од ширењето на коронавирусот, туку со потребата да се овозможи носење одлуки во општествено-економските и здравствените сфери.

Одложувањето на изборите од 21 јуни на 5 јули веќе е неприфатливо големо поместување на датумот за избори. Нашата држава веќе не може да си дозволи техничка влада што е составена за да организира парламентарни избори, а не да се бори со тешка закана за здравјето и животот на луѓето. Оваа држава веќе не може да си дозволи ни целосно отсуство на парламент.

Ако нема парламент, нема ни демократија.

Не постои ниту еден правен, политички, здравствен, па ни морален аргумент со кој изборниот процес може да се сопре или да се одложува за подоцна од 5 јули, освен за да се задоволат политичките амбиции на поединечни политички структури.

ЦИВИЛ ги повикува релевантните институции час поскоро да ги започнат подготовките за одржување на изборите, да изработат здравствени протоколи за безбедно спроведување на изборниот процес.

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да придонесат кон подобрување на политичката клима во земјата со јавни изјави и осуда на лажните вести и говорот на омразата. Тие се најодговорни за спроведување на фер, демократски и слободни избори, во кои гласачите можат да направат информиран избор, слободно и без страв.

Изборниот процес ќе биде толку безбеден за здравјето колку што граѓанките и граѓаните ќе се придржуваат кон мерките за заштита и колку што институциите ќе покажат високо ниво на одговорност, што важи и за секој друг ден во животот на луѓето.

 

 

Back to top button
Close