Цветановски и Хајрулахи контра Коцевски – негираат дека местеле предмети

Цветановски во изјава за МТВ вели дека немал законска обврска да го консултира Коцевски каква одлука да донесе. За конкретните случаи вели дека биле без докази, а обвиненијата нарачани

Треба ли да се влечеме по судови за предмети кои воопшто не се кривични дела? Ова е реакцијата на вишиот обвинител Јован Цветановски откако државниот обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ обвини дека тој во дослух со неговиот шеф Мустафа Хајрулахи местеле предмети и во четири случаи тешки 10 милиони евра неосновано се откажале од жалба или обвинение.

Цветановски во изјава за МТВ вели дека немал законска обврска да го консултира Коцевски каква одлука да донесе. За конкретните случаи вели дека биле без докази, а обвиненијата нарачани.

Скопскиот виш обвинител Мустафа Хајрулахи кој е суспендиран вели дека ниту имало, ниту ќе има местење на предмети.

Коцевски во емисијата „360 степени“ на МТВ посочи дека против двајцата обвинители се водат дисциплински постапки. Тој наведе дека за четири предмети тешки 10 милиони евра, пред да донесат одлука, иако требало да реферираат во Републичкото обвинителство, Хајрулахи и Цветановски одлучиле по сопствено убедување.

„Се работи за предмети коишто навистина се за големи износи. Едниот предмет е за околу 840 000 евра, а е повлечена жалбата. Вториот предмет е навистина за голема сума, се работи за околу осум милиони евра. Третиот и четвртиот предмет, ако се сумираа, можеби има вкупно за сите четири околу десет милиони евра, каде што жалбата е повлечена или повлечено обвинение. Имајќи предвид дека се работи за многу, многу високи износи, значи тоа само го направиле обвинителот кој е обработувач на предметот и вишиот јавен обвинител. Во вакви случаи, кога се работи за предмети коишто се од многу висок јавен интерес, кога се работи за предмети во коишто навистина има голема штета, треба многу голема претпазливост и јавниот обвинител кој што го работи предметот заедно со вишиот јавен обвинител треба истиот да го реферира во Републичкото јавно обвинителство“,рече Коцевски.

Обвинителската војна на релација вишо-државно обвинителство почна со случајот за бонусите во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Двајцата виши обвинители јавно кажаа дека Коцевски им врши притисок каква одлука да донесат, но сепак постапиле по сопствено убедување, поради што, како одговор, се соочуваат со дисциплинска одговорност. Коцевски демантираше, рече дека притисок не вршел – а обвинителите нестручно работеле.

Back to top button
Close