Д-р Ефкоски: Здравствените работници ја одложуваат вакцинацијата. Кампања и објаснување должат здравствените власти

Откако матичните амбуланти добија термини за вакцинација против Ковид-19, повеќе од јасно е дека процентот на пријавени медицински работници во Македонија од Ковид центрите, Клиничките центри, Клиничките болници, Општите болници и Здравствените домови, е многу низок.

Од суштинско значење е да се разбере зошто здравствените работници ја одложуваат вакцинацијата.

Ова не е проблем само кај нас, ова е проблем кој го имаат сите земји по светот, но за разлика од нас, доста од нив се решени да ја подобрат сликата.

Ова е вознемирувачки настан, особено што здравствените работници се изложени на висок ризик од заразување со САРС-КоВ-2 и се неопходни во нашите напори за лекување на пациентите со Ковид-19!

Некои “експерти” за јавно здравје кај нас, се надеваа дека оваа група ќе биде релативно лесна за вакцинирање, со што реално би можело да помогне да се отвори патот за пошироко прифаќање на вакцините кај народот.

Затоа е битно ИТНО да се отвори дискусија со медицинските работници околу нивните недоумици и стравот од “новите” вакцини. Ако го решиме ова со погрешни муабети и на погрешен начин, би можеле да го промашиме излезот и да добиеме повторен крах во здравствената работна сила, бидејќи ние ништо не променивме на нивните работни места околу подобра заштита.

Покрај спречувањето на инфекции, сериозни болести, па дури и смрт, вакцинирањето на здравствените работници дава можност да собереме информации кои многу тешко можеме да ги добиеме од пошироката јавност. Тоа е затоа што здравствените системи имаат податоци не само за тоа колку луѓе биле вакцинирани, туку и за нивната демографска поставеност, лесно следење на нивната состојба и ефектот на вакцинацијата.

Да се разбереме, “медицински работници” е разновидна група: луѓето кои работат во здравствени системи вклучуваат не само медицински сестри и лекари, туку и оние кои преместуваат пациенти, работат со храна, служат во административни улоги и ги одржуваат објектите чисти и оперативни.

Луѓето во оваа група исто опфаќаат и различни возрасти, етникуми, достигнувања во образованието, нивоа на приходи и тн. Многу од нив се во режим на чекање што ќе се случи со оние кои веќе примиле вакцина. Покрај силните податоци за безбедност и ефикасност од производителите и истражувачите, тие сакаат докази од реалниот свет. Тоа е многу поинаков став од луѓето кои одбиваат вакцини или одбиваат вакцина за своите деца, за вакцини кои постојат и докажано се безбедни со децении.

Ова значи дека не може да го примениме она што го знаеме за колебливоста за детските вакцини и останатите. Не можеме само да отпишеме нечии одлуки и да кажеме, добро, па тоа е нивна лична одлука. Бидејќи ова не е само нивна лична одлука, тоа е одлука со која придонесуваат за ширење на заразната болест и можни смртни случаи од истата.

Некои работодавци и синдикати ги гледаат бројките за тоа што е на терен и даваат аларм кој има потреба од одговор. Луѓето се загрижени за тоа колку е нова вакцината, прочитале разни дезинформации на Интернет и се загрижени за можни долгорочни ефекти. Во истражувања на работното место, луѓето споделиле загриженост и за тоа како тоа може да влијае врз плодноста и бременоста.

Некои пак здравствени работници кои биле заразени со Ковид не сметаат дека е потребна вакцинација додека се уште имаат антитела, барем во тие 3-6 месеци откако биле заразени. На секое од овие прашања може да се одговори, научно, издржано со докази и факти.

Светските истражувања покажаа дека генерално, колебливоста за вакцините се намалува, кога имате добра информираност и комуникација. Валидацијата на проблемите кои ги мачат работниците, како и понудените одговори на прашања од професионалците им помогнаа на работниците да променат став за вакцината. Двоумењето за вакцинација кај здравствените работници, исто така врши притисок врз здравствените системи кои имаат намера да добијат дози за што повеќе луѓе. Во тој дел владата ќе излезе на крајот исправна што не нарачала повеќе вакцини и што споро им оди набавката. Но, во исто време, здравствените власти се тие кои треба да спроведат соодветна кампања, да се погрижат и објаснат за сите недоумици и стравови во овој битен сектор за државата.

 

Back to top button
Close