Дајте му шанса на мирот во Украина!
Кога се распадна Југославија, ЈНА се повлекуваше од Македонија носејќи го со себе сето оружје. Тогаш нашиот мудар претседател Киро Глигоров не сакајќи да провоцира инциденти порача: Носете го сето оружје, ние не сакаме оружје, сакаме мир! Во надворешната политика одржувавме еквидистанца, неутрална позиција. Особено не сакавме да се конфронтираме со налудничавиот претседател на северниот сосед!

За среќа, имавме мудар, сталожен претседател во клучен момент од нашата историја. Немавме зелен, неискусен претседател со амбиција да докажува што е правда кога се соочува со многу помоќен и лесно иритирачки сосед. Сосед каков што го има Украина на источната граница. После нашето прогласување на независност, не ги мразевме Србите, не им ги одзедовме правата да зборуваат и да се образуваат на својот јазик. Не ја имавме таа идеја ни на крајот на паметот. Оваа паралела ја повекувам со Украина, каде што токму обратното се случи. На руското говорно население во Украина им се одзеде правото да зборува на својот мајчин јазик. А, Европа и САД , кои, нели, силно се борат за човековите права, не издејствува смирување на ситуацијата во Источна Украина! Започна граѓанска војна.
Сакам да посочам на некои еминентни аналитичари кои не припаѓаат на конвенционалната вистина што меинстрим медиумите на Западот ја сервираат за војната во Украина. Според нив војната трае веќе осум-девет години и не е непровоцирана!
Проф. Џефри Сакс (Jeffrey Sachs) е вистински борец за мир со до некаде оптимистички поглед, Проф. Џон Мершаимер (John Mearsheimer), од гледиштето на реал-политиката, е песимист во однос на исходот од оваа војна. Според неговата теорија ширењето на НАТО до границите на Русија, од најголем дел од населението во Русија се доживуваше како закана на нивниот опстанок. Повеќе неповолни ситуации се споијa и постепено водеа до овој конфликт!
Оваа војна ќе се војува до последниот Украинец! мислам дека кажа Ноам Чомски. Страшна трегедија се случува: 6 милиони бегалци во Европа, 8 милиони раселени лица во земјата, повеќе од 350.000 жртви, тотално руинирана земја, затоа што во клучен момент државата немаше мудар претседател и мудро раководство за да обезбеди неутрален статус на држвата! Постојат докази на увид дека САД на највисоко ниво придонесе да се случи државниот удар на Мајден спроведен од радикални елементи на Украина. Тие радикални, нео-нацистички елементи го зграпчија оружјето!
Не ја оправдувам инвазијата на Русија во Украина! Далеку од тоа! Но, исто така, не заземам ниедна страна. Сакам да бидам на страната на мирот и на вистината. До вистината доаѓам истражувајќи разни извори и служејќи се со здравиот разум.
Не се обезбедува добра иднина за земјата што се натрупува со огромни количини на оружје. Војната не води кон мир и кон доброто на народите.
2 / 2
Кој има корист од оваа војна? Граѓаните на Украина ? Обичните луѓе, граѓани на Европа? Не. Корист има само воениот комплекс на мултимилијардерите (воената индустрија како стожерна економска гранка на САД), кои постојано имаат потреба од некаков непријател за да произведуваат и пласираат оружје и непрекинато да се војува за нивен профит. Тоа е вистината затскриена зад идеологијата на либералната демократија. Либералната демократија е само фасада во владеењето на плутократијата денес (богаташите владеат, не народот). Ниту на другата страна не е нешто подобро, таму пак имаме режим и владеење на олигарсите. Но, оваа војна е со многу поголема амбиција, а тоа е да се сруши режимот на Путин, што ќе доведе до граѓанска војна и поделба на Русија. Русија се притиска до работ, до имплозија, кога во еден момент на очај може да го искористи и нуклеарното оружје. И кој ќе ислези како победник од оваа војна? Никој. Нема победник во оваа војна. Како што ескалира, само влегуваме во сè поголемо лудило.
Исто така, факт е дека денес не сме повеќе во униполарен свет (во којшто владееше САД како еден и единствен хегемон за време на студената војна). Денес сме во мултиполарен свет. Разни супер сили, пред сè во економска и културна смисла, се издигаат. На нашиот свет не му е потребна само една доминантна суперсила и супер глобална култура (глобализам, консумеризам) туку баланс на култури и сили.
Каква страшна катастрофа се случува во срцето на Европа на почетокот на овој век! И каде е интелигенцијата за да се здружи во ширењето на мирот? Интелигенцијата е вистинољубива и секогаш се бори за мир ( бидејќи тоа и по дефиниција значи да се биде дел од интелигенцијата). Крикот за мир е задушен, поклопен од пропагандата. Се повторува истото како многу други пати низ историјата на човештвото…
Дајде му шанса на Мирот во Украина! Ескалацијата на војната не води кон мир, не води кон никакво добро!
Татјана Миљовска






