Дачиќ бара објаснување од Македонија за бегството на Рамадани

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ соопшти дека Белград бара објаснување од државните органи на Македонија за бегството на Бљерим Рамадани, кој минатиот месец беше уапсен на Јажинце по потерница на Интерпол.

„Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен со валидна потерница да избега од домашен притвор. Или меѓународната правда не важи за албанските терористи и воени злосторници, кога убиваат Срби, се е дозволено и простено“, изјави Ивица Дачиќ.

Дачиќ го опиша бегството на Рамадани од домашен притвор во Македонија како „скандалозно“.

Бљерим Рамадани избега од домашен притвор од куќа на роднина во Македонија, откако минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница по потерница на Интерпол издадена по барање на Србија.

Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен припадник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродима.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, при посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули, побара од скопските власти да го екстрадираат Рамадани во Србија.

Back to top button
Close