Дачиќ со претседателот на Интерпол разговарал за формирање регионална канцеларија на оваа организација во Србија

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска се сретна со претседателот на Интерпол Ахмед Насер Ал Раиси, на маргините на Глобалниот форум за соработка во областа на јавната безбедност во Лианџунганг, Народна Република Кина.

Како што соопшти српската влада, Дачиќ истакнал дека Министерството за внатрешни работи на Република Србија е сигурен партнер кога е во прашање меѓународната соработка, особено во борбата против организираниот криминал.

Дачиќ и Ал Раиси разговараа за натамошно продлабочување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Србија и Интерпол на стратешко и оперативно ниво, преку интензивна размена на информации, заедничка обука и развој на напредни технолошки решенија.

Исто така, на средбата се разговараше за понатамошни чекори за формирање на регионална канцеларија на Интерпол во Белград.

Истакнато е дека формирањето на регионално биро би било важно за Генералниот секретаријат на Интерпол за земјите од регионот на кои би им служело регионалното биро, како и за Република Србија, која би ги обезбедила сите потребни услови за негова работа.

Дачиќ го покани претседателот на Интерпол Ал Раиси во наредниот период да ја посети Србија.

Back to top button
Close