ПП Левица: Додека Хаг осудува за воени злосторства „патриотите“ нека се потсетат кој ги амнестираше „Хашките случаи“ во Македонија
Вчерашната пресуда во Хаг против поранешниот врв на ОВК повторно ја актуализира биографијата на ДПМНЕ. Додека Специјализираните совети утврдија кривична одговорност на Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи за воени злосторства, односно произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства, во Македонија токму владејачкото мнозинство на ДПМНЕ и ДУИ во 2011 година го употреби Собранието за четирите Хашки случаи да останат без судски епилог, се наведува во соопштението од ПП Левица.

На 19 јули 2011 година, со 63 гласа „за“, беше усвоено автентично толкување на Законот за амнестија со кое амнестијата се прошири и врз предметите што Хашкиот трибунал ги имаше вратено на македонското правосудство на одлучување: „Водство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Липковска брана“ и „Непроштено“. Наместо нашите правосудни органи да ја докажуваат одговорноста, како што побара Трибуналот, парламентарното мнозинство на ДПМНЕ и ДУИ произведе правна пречка за натамошно гонење. Односно, политички акт ја презеде функцијата да “пресуди“ за воени злосторства!
И тука се докажува циничноста, дволичноста и бедноста на внимателно негуваната национална реторика на ДПМНЕ. Партијата што со години го присвојува патриотизмот како сопствен политички бренд во своето досие има гласање со кое предмети за воени злосторства врз цивили беа извадени од кривичноправната разрешница и внесени во сферата на парламентарниот договор со ДУИ. Така, Собранието создаде услов судот воопшто да не ја утврдува нивната кривична одговорност. И тоа е суштинската правна разлика што денешната политичка митологија на ДПМНЕ не може да ја избрише.
Ефектот на оваа интервенција подоцна беше формулиран и од Комитетот на Обединетите нации против тортура со термин кој не остава многу простор за политичка козметика: неказнивост. Комитетот експлицитно констатира дека автентичното толкување од 2011 година обезбедило неказнивост во однос на лица обвинети за повреди на човековите права во конфликтот и ги наведува сите четири Хашки случаи. Истото тело побара нивно преиспитување и отстранување на несогласувањата со Конвенцијата и меѓународното право.
Оттука, 19 јули 2011 година останува многу поважен документ за карактерот на политиката на ДПМНЕ од целата национална сценографија што партијата ја произведува денес. Кога требаше институциите да утврдат одговорност за воени злостторства, ДПМНЕ не ја бранеше автономијата на правосудството, туку со ДУИ обезбеди парламентарен механизам со кој тие предмети беа затворени. Во меѓународното кривично право не постои легитимна политичка кратенка со која сомнежите за тортура, киднапирања, убиства и други воени злосторства едноставно се тргаат од судскиот пулт.
Затоа кога ДПМНЕ денес го облекува костимот на чувар на националните интереси, во неговата постава сè уште стои датумот 19 јули 2011. Меморијата, за жал, можеби и може да се редактира со дволична, лажна пропаганда, но собраниското гласање и правните последици од него – не






