ОЕЦД бара подобро мапирање на критичните суровини, Иловица меѓу македонските потенцијали

Глобалната трка по критични минерали продолжува да се интензивира. Според новиот извештај на ОЕЦД, овие суровини се неопходни за развојот на националната одбрана, технологијата и преминот кон поодржливи енергетски системи.
И покрај зголемената побарувачка, инвестициите во геолошки истражувања и рударски проекти се соочуваат со пречки поврзани со ископувањето и обработката на рудите. Затоа, ОЕЦД препорачува државите да воспостават подобар увид во потеклото на минералите, сопственоста на клучните капацитети и нивното движење низ целиот синџир на снабдување.

Препораката вклучува и мапирање на националните капацитети, со цел подобро планирање на идните инвестиции и зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување.
Македонија веќе презема активности во однос на неколку минерали со стратешко значење. Во близина на Крива Паланка се истражува присуството на антимон, со финансиска поддршка преку Стратешкиот дијалог со САД. Истражувањето се одвива на наоѓалиште кое во минатото било предмет на експлоатација.
Во областа на бакарот, Иловица е наведена како потврдено наоѓалиште за кое постои инвестициски план. Истражувањето на бакарот започнало во 2004 година, а тестирањата покажале искористување од 84 проценти.
Предфизибилити студијата предвидува просечно годишно производство од 16 илјади тони бакар. Во неа се наведуваат 237 милиони тони ресурси и резерви и 225 милиони тони руда.
Според инвеститорот, Иловица–Штука е проектирана како современ рударски комплекс, со примена на принципите за одржлив развој содржани во Агендата на ОН 2030.
Токму бакарот е еден од металите за кој изминатиов период се почесто се зборува на светско ниво, поради рекордните цени поттикнати од високата побарувачка на индустријата. Овој проблем резултира и со несекојдневни чекори помеѓу конкурентски компании кои веќе започнаа да потпишуваат и Меморандуми за соработка за проекти за ископ на бакар. Австралиската компанија BHP, најголемата светска рударска компанија, и KGHM – Полска, ги здружија силите во потрагата по нови наоѓалишта на бакар ширум светот. KGHM е вториот најголем светски производител на сребро и најголемиот производител на бакар во Европската Унија, со активности во Полска, како и во САД, Канада и Чиле. BHP управува со големи рударски и ресурсни проекти низ Австралија, Канада, Чиле, Перу, Бразил и Соединетите Американски Држави.

„На светот ќе му биде потребен повеќе бакар, поради традиционалниот економски раст, но и енергетската транзиција и дигиталните инвестиции. Фокусирани сме на остварување раст со висок принос преку иновативни партнерства како ова“, изјави Брендон Крејг, извршен директор на BHP.

„Меморандумот за разбирање обезбедува платформа за соработка меѓу KGHM и BHP и го одразува нашиот заеднички интерес за размена на гледишта и истражување на потенцијални можности за идна соработка. Размената на искуства меѓу рударските компании што работат во различни региони и јурисдикции би можела да донесе придобивки за целата индустрија“, оцени Ана Собиерај-Козакјевич, потпретседателка на KGHM.

Инаку, за да се надминат проблемите со потеклото и недостигот од критични минерали, ОЕЦД препорачува повеќе мерки.

„Сегашните алатки за следење на критични минерали остануваат фрагментирани, при што многу системи се развиваат во рамките на поединечни компании, а не преку сеопфатни рамки достапни низ целата индустрија. Таа фрагментација може да оневозможи да се дознае кој ги контролира критичните минерали. Трговците имаат највисоки стапки на имплементација на системи за следење, додека рударите имаат најниски. Компаниите, исто така, се соочуваат со трошоци и оперативни проблеми. Испитаниците во анкетата на OECD рекоа дека главен приоритет треба да биде поголема регулаторна конзистентност и споделувањето на податоците помеѓу земјите, со компаниите и со јавноста“, се потенцира во извештајот.

На краток рок, Организацијата бара владите повеќе да ги користат системите што им се на располагање – да ги мапираат добавувачите и билатералните договори за минерали. На среден рок, властите ќе треба да ги зајакнат податоците, ангажирајќи се повеќе со производителите, берзите и топилниците. Долгорочните мерки би барале меѓународна соработка за споделување на податоци за прекугранично следење и усогласување на стандардите. ОЕЦД соопшти дека клучна е соработката и меѓу организациите, вклучувајќи ги Г7 и Меѓународната агенција за енергетика, заедно со трговските партнери, како и Европската Унија.

Back to top button
Close