Дали „бомбата“ ќе биде само петарда за Груби и Беџети?
Државата доби на тацна цврста трага за да го оконча скандалот со прислушувањето на начин кој е достоен на институции кои водат сметка за својот углед. Сега на потег е обвинителството и судството. ВМРО-ДПМНЕ која негираше вмешаност на своите функционери во скандалот, сега има шанса да го заврши тоа што не го заврши претходната влада. Да го затвори досието со прислушувањето на законит начин. Ако сака да веруваме во декларациите за чесност и праведност.
Колку работата е сериозна покажува и изјавата на амбасадорката Агелер дека ако САД успеале да најдат докази за поткупот кој им бил даден на судијата и на Артан Груби, веројатно како посредник, можат да најдат докази и македонските власти. Можат, но дали ќе сакаат? САД обезбедија докази и за случајот поткуп од „Маѓар Телеком“, со јасно укажување дека двајца високи македонски функционери добиле пари за да спречат влез на конкуренција на пазарот, но овде тоа никого не го возбуди. И во тој случај еден од протагонистите е висок функционер на ДУИ. Сепак ДУИ и функционерот си продолжија во политиката како ништо да не се случило, а исто така и другиот функционер од владата во тоа време. Обвинителството реши да го игнорира тој случај во очигледен обид да ги избегне жешките костени кои можеа да му паднат в раце.
За Беџети се знаеше одамна
Поучени од овој случај со право очекуваме дека и најновата „бомба“ од САД ќе добие третман на петарда во македонското судство. За поведението на судијата Беџети се знаеше од поодамна. Точно пред две години пишував дека „само ни преостанува да претпоставиме која беше цената за чувањето на предметот на Мијалков во фиока“. Во сличен тон беа и коментарите и известувањата на другите медиуми во тоа време. Значи, индициите беа тука, можеа дури и од страна да се видат, само не ги видоа колегите на судијата, кои под притисок на јавноста го казнија со 20 отсто намалена плата за период од шест месеци. Споредено со дарот што го испорачал Мијалков, оваа казна несомнено предизвикала само насмевка кај господинот Беџети.
Оттука, тоа криминално поведение е силно сведоштво за гнилоста на судството и однесувањето на судиите според принципот „молчењето е злато“. Во случајов со Северна Македонија оваа поука можеме да ја претвориме во „молчењето е злото“, затоа што и покрај бурата што се дигна во медиумите поради криењето на предметот на Мијалков во фиока, судијата и натаму остана судија со сите овластувања и погодности. И така е до ден денес, па дури и кога САД објавија дека имаат докази за неговите (не)дела.
Не знам како судијата воопшто се воздржал да не даде оставка. Или можеби се надева дека и овојпат епилогот ќе биде кучињата лаат, карванот си врви. Исто така ќе биде срамно ако господинот Артан Груби остане во првата постава на ДУИ. Особено затоа што Артан Груби не е случаен човек или маргинален лик во партијата. Груби е сенката на лидерот Али Ахмети и сите случувања поврзани со него директно го засегаат и Ахмети. Во нормална држава и во партија која држи до себе, еден таков земјотрес го руши и лидерството на партијата, бидејќи системот на сврзани садови вели дека не може во едниот сад да има само пелин а во другиот само мед. Логично е пелинот и медот да се измешани по малку и во двата сада поради нивната поврзаност.
Американското откритие за судијата Беџети добива на тежина и поради улогата што Груби гордо ја играше како координатор на влезот на „Бехтел и Енка“ и координатор на проектот со автопатите. Тешко е да се поверува дека неговото координирање било чисто во услови кога самиот Груби нема чисто досие. Сега самиот може да се праша дали во миговите кога се фотографираше со амбасадорката Агелер, истражителите ја запознавале паралелно и со неговите мрачни бизниси со Сашо Мијалков. Шармот на Груби овде не помогна, ниту пак неговите фрази за демократија и западни вредности со кои се расфрла дури и сега кога од Америка стасаа шокантните наоди за неговата улога во поткуп на судија. За делото пак за кое судијата требаше да донесе пресуда да не говориме затоа што и Груби и Беџети би требало да знаат што значи за човековите права и слободи масовно незаконско прислушување. Првенецот на ДУИ не ги вадеше од уста човековите права и слободи, но ете се покажа дека тоа биле само смислени пропагандни пораки, додека тајно реализирал лукративни опции.
Судии верни поклоници
И во овој случај можеме да заклучиме дека парите и интересот не познаваат партиски поделби, а исто така и дека ДУИ си имале директен линк со судиите и обвинителите кои се поставени со нивна партиска препорака. Тоа Мијалков најдобро го знаел бидејќи и самиот тој поставуваше судии кои потоа му беа верни поклоници. Ваквиот развој на настаните во старт ја дискредитира идејата на премиерот Христијан Мицкоски за смени во судско-обвинителската сфера бидејќи новите судии и обвинители веднаш ќе станат нивни должници. А таков вид на долг во нашето општество со изместени вредности, кога тогаш се наплаќа.
Прашањето кое сите си го поставуваме по бомбастичната вест од понеделникот (09.12.) е уште колку партиско-финансиски интервенции врз судството останале неоткриени, и уште колку такви финансиски упади ќе се случат и ќе останат засекогаш под превезот на тајноста. Ставањето на судиите и обвинителите под лупа е задача која си ја поставува секоја власт, но фразите за чесност и непристрасно судење завршуваат оној момент кога политичарот ќе има потреба да добие судска пресуда во своја полза. Тогаш паѓа сѐ во вода.
Затоа, ако и овие нови имиња на црната листа останат само истрел во празно, и ако не се обезбеди брза судска постапка и за давателот на поткупот и за примателите, па дури и ако не се ревидираат одлуките за масовното прислушување, надежта за функционирањето на правдата ќе продолжи да умира. На потег се сите прогресивни и демократски сили да покажат дека ја разбрале пораката, дека ја ценат помошта од американските служби и дека криминалот во државата конечно ќе стане неисплатлив.(dw)
Соња Крамарска