Дрога скриена меѓу железни профили на излез од Македонија: Петмина приведени

Царината и обвинителството разбија меѓународна криминална група откако мобилните тимови спречија шверц на 79 килограми марихуана на граничниот премин Дојран. Дрогата била наменета за турскиот пазар, скриена меѓу легален товар од железни профили. Приведени се вкупно пет лица, меѓу кои и возачот на камионот, против кои ОЈО ГОКК отвори истрага за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Акцијата започнала по информација на Одделението за разузнавање при Царинската управа. Мобилните тимови поставиле контрола на излез од државата на преминот Дојран, каде што го сопреле товарното возило.

При деталниот преглед, царинските службеници пронашле 79 килограми марихуана скриена меѓу пријавениот товар. Возачот, државјанин на Босна и Херцеговина, веднаш бил лишен од слобода.

Предистражната постапка што ја водеше Одделението за истраги заедно со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја откри точната шема. Камионот влегол во земјава со легален транзит на железни профили наменети за грчкиот пазар.

Пратката со дрога била натоварена дополнително. Возачот имал претходен договор со соработници во Македонија, по што на однапред утврдена локација ја натоварил марихуаната во камионот. За да ја прикрие интервенцијата врз товарот, тој го затворил возилото со пломба што ја носел со себе, по што се упатил кон јужната граница.

По заплената на граничниот премин, истражителите влегоа во трага на останатите членови на синџирот. Приведени се вкупно пет лица за кои постои сомнение дека организирале набавка, претовар и транспорт на дрогата кон Турција.

Секторот за контрола и истраги поднесе кривични пријави до ОЈО ГОКК. Осомничените се товарат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, а истрагата треба да утврди дали истата рута претходно била користена за други пратки.

Back to top button
Close