ВИДЕО: Дали Гаши носел патен налог за да може со службено возило да оди по невеста надвор од државата, прашуваат од ЛДП
Дали спикерот Африм Гаши со себе носел патен налог и поседувал официјална документација за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата, прашуваат денеска од Либерално-демократската партија (ЛДП) откако на социјалните мрежи се појави видео од колона на автомобили, меѓу кои наводно и службеното возило на собранискиот претседател, за кого се тврди дека како сват заминал по невеста во Косово.
Видеото изворно е објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик Индекс.мк.
Во писмената реакција објавена денеска, од ЛДП бараат одговори дали ако собранискиот претседател Африм Гаши имал патен налог, по кој основ е издаден истиот, за која намена, во колкаво времетраење и колку сето тоа ги чини граѓаните со чии средства од даноците се одржуваат службените возила.
„ЛДП апелира да престане ‘каубојското’ однесување на одредени службени лица, претставници на институциите во државата и наместо да мавтаат со пиштоли по аеродроми и да одат на свадби во соседството со службени возила, да седнат и да сработат нешто за доброто на граѓаните и државата“,се наведува во писмената реакција на ЛДП.
Од партијата изразија загриженост поради, како што велат, континуираното непристојно однесување и злоупотреба на службената положба на претседателот на Собранието.
Со цел спречување на злоупотреба на државните возила, од ЛДП предлагаат сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани со иста боја, како такси-возилата во Градот Скопје. Ваков предлог имаше и претходниот состав на Антикорупциската комисија, но тој досега не е имплементиран.
….
Видеото изворно е објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик Индекс.мк.