Дали лудилото ќе биде казнето?

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, посебен акцент ставам на последиците со носењето на Еуростандард банка во стечај,  врз нашето општествено живеење. Одамна е јасно дека,  по речиси 4 години од носењето на Еуростандард банка во стечај, финансиските средства кои се собраа и се собираат во стечајната маса на банката, во целост ќе ги обештети сите правни и физички клиенти на банката.
Неофицијално до мене стасуваат и  информации, дека ќе се појави вишок на средства во стечајната маса.
Стечајот на Еуростандард банка беше направен со умисла, првенствено насочена лично кон мене и моето семејство.
Ја оставам настрана загубата, која ние како семејство ја почувствувавме последниве 4 години. Јавноста треба да знае дека како семејство загубивме двојно повеќе финансиски средства отколку капиталот вложен во банката.
Да биде јасно, говорам за чесно спечалени финансиски средства. Овој факт  го потенцирам од едноставна причина,  зашто во нашата македонска реалност е незамисливо дека човек може да печали пари на чесен начин. Секој кој стекнал капитал се етикетира како крадец и нечесник.
Мојот фокус во оваа колумна е посветен на правните и физички лица, клиенти на банката, кои цели 4 години водеа борба да им се вратат чесно стекнатите  финансиски средства. Многумина од клиентите претрпеа сериозни финансиски загуби, бидејќи ликвидноста, особено на правните лица беше донесена во прашање. Ако нема ликвидност, тогаш загубите се неминовни за секој правен и физички субјект.
Кој ќе ја плати цената за загубите на правните и физички лица во изминатите 4 години, кои беа повеќе од 8.000 клиенти? Денес ми приоѓаат  поединци и ми обзнануваат дека сите нивни побарувања од банката  се подмирени.
Овој факт сам за себе говори дека Еуростандард банка беше осудена од поединци и групи  да се уништи, затоа што како семејство не дозволивме во банката да се работи со така наречените незаконски позајмици, кои денес се практикуваат во македонскиот банкарски свет.
Организираниот криминал нема ниту вера, ниту боја, туку само гол интерес. Посебно сакам да се осврнам за денешната жална состојба со Македонски пошти, јавното претпријатие под капа на Владата на Република Македонија, каде вработените мака мачат да добијат каква-таква плата. Причината за ваквата состојба со Македонски пошти е токму стечајот на Еуростандард банка.
Јавноста треба да знае дека во 2017 година, три години пред носењето на банката во стечај, Еуростандард банка и Македонски пошти потпишаа договор за соработка, со важност на 20 години, каде Еуростандард банка го презема работењето во 330 експозитури на Македонски пошти низ цела Македонија.
Бенефитот на Македонски пошти од преземеното банкарско работење од нејзините експозитури, беше следен:
– Износот 67% од трошоците за извршени банкарски трансакции, кои на месечно ниво беа од 1,2-1,4 милиони,  одеше на сметка на Македонски пошти. Повторувам 67% од секоја платена услуга, извршена од Еуростандард банка, одеше на сметка на Македонски пошти.
-Истовремено блиску 80.000 пензионери, беа клиенти во заедничкиот систем, каде најголемиот процент од овие услуги одеше на Македонски пошти.
Денес низ експозитурите на Македонски пошти нема ниту 10% од банкарските трансакции кои ги правеше во времето со Еуростандард банка, а ги изгуби сите 80.000 пензионери.
Зборовите на мојот поштар, кој секојдневно минува покрај мојата канцеларија, длабоко ме погодија. Тој ми кажа дека со одењето на Еуростандард банка во стечај и Македонски пошти отидоа во стечај. Жална реалност.
Отворено прашувам, ќе понесе ли некој одговорност за овој злостор кон Македонски пошти и сите  правни и физички лица, клиенти на Еуростандард банка за нанесената штета? Егзекуторот беше Народна банка на чело со актуелниот Гувенер Анета Бежоска.
Владата во заминување, претходното собрание на Република Македонија, Основното Јавно обвинителство и Судството,  цело време молчат.
Сакам да верувам дека правдата ќе победи. Егзекуторот и соучесниците мора да се соочат со лицето на правдата. Тоа е мојот порив и никогаш нема да отстапам од него.
Трифун Костовски

Back to top button
Close