Димитријевиќ: Мицкоски бара избори поради страв од истрагите по падот на Орбан

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција обвини дека премиерот Христијан Мицкоски инсистира на предвремени избори поради страв од меѓународни истраги. Според него, со политичките промени кај нашиот северен сосед, почнува распадот на регионалната „криминална мрежа“.
„Со падот на неговиот пријател Виктор Орбан, почнува распадот на криминалната мрежа што со години ја градеа во регионот. Во Унгарија веќе се најавуваат истраги кои ќе стигнат до Мицкоски и неговиот ‘голем брат’ Вучиќ“, изјави Димитријевиќ.
Од СДСМ тврдат дека под лупа ќе бидат сите бизнис шеми, вклучувајќи ја медиумската мрежа на Орбан, тендерите и енергетските бизниси. Димитријевиќ нагласи дека кога ќе снема пари за тендери, „криминалната организација ВМРО веднаш ќе почне подготовки за избори“.
На прес-конференцијата беше упатена критика и за економските резултати на Владата по две години власт. СДСМ обвинува за неисполнети ветувања околу платите, пензиите и Преспанскиот договор.
„Реалноста граѓаните ја гледаат со празните фрижидери и празните џебови. Нема повисоки плати. Нема 600 евра минимална плата. Нема мерки за заштита на животниот стандард“, порача генералниот секретар на социјалдемократите.
Тој додаде дека Мицкоски создал нов долг од 2,3 милијарди евра, додека инвестициите се намалени за 60%. Според Димитријевиќ, поради немањето резултати, власта се враќа на старата кампања за „предавници“ и создавање вештачки конфликти со Бугарија.
„Лажниот патриотизам не полни фрижидери и паричници. Не носи повисоки плати, ниту подобар живот“, заклучи Димитријевиќ, најавувајќи дека СДСМ е подготвена да ја врати државата на „вистинскиот пат“.
Извор: press24.mk






