Данските ракометари ја декласираа Германија за второ олимписко злато
Актуелниот трикратен светски првак Данска ја потврди доминацијата во машкиот ракомет, освојувајќи го денеска своето второ олимписко злато со најубедлива победа во досегашните олимписки финалиња од 39-26 (21-12) над Германија во Лил.
Финалниот дуел беше решен веќе во првата половина од првото полувреме, кога избраниците на Николај Јакобсен тргнаа во серија од 6-0 за да поведат со 12-5 во 15. минута. Во 23. минута веќе беше 19-9 за Данците, кои на полувреме заминаа со +9 (21-12). Предноста на Данците продолжи да расте и во вториот дел, до +15 (35-20) во 49. минута.
Данските стрелци ги предводеше Матијас Гидсел со 11 голови. Магнус Ландин постигна седум, а Сајмон Питлик шест. Никлас Ландин на данскиот гол имаше десет одбрани.
Со овој триумф Данска стана првата репрезентација по Хрватска која освоила олимписко злато на сите натпревари. Со двезлатни одличја и едно сребро Данците ја минаа Хрватска која има два златни медали и една бронза. Германците останаа на едно злато освоено од репрезентацијата на ГДР во 1980 година во Москва, а ова им е трето сребро.
По петти пат во историјата бронзениот медал го освои репрезентацијата на Шпанија која во утринската програма на последниот ден од Игрите во Париз ја совлада Словенија со 23-22.