Децата да ги добиваат презимињата на двајцата родители, пресуди суд во Италија

Италијанските деца треба да ги добиваат презимињата на двајцата родители, одлучи уставниот суд, со што ја поништи традицијата со која сите новороденчиња автоматски се именуваат по нивните татковци.

Оваа практика е „дискриминаторска и штетна за идентитетот“ на детето, се вели во соопштението на судот, додавајќи дека и двајцата родители треба да можат да го изберат презимето.

На децата треба да им се дадат презимињата на двата родители по редослед што самите родители ќе го одлучат, освен ако не се согласат нивните деца да земат само едно од презимињата, се додава во соопштението на судот.

За спроведување на одлуката е потребно ново законодавство, кое треба да биде одобрено од парламентот.

Министерката за семејство и еднакви можности, Елена Бонети, во објава на Фејсбук рече дека владата целосно ќе го поддржи парламентот во овој процес.

„Треба да дадеме суштина [на одлуката] … и тоа претставува висок приоритет и итна задача за политиката“, напиша таа, додавајќи дека родителите треба да преземат еднаква одговорност за одгледување на детето.

Папата Франциско и политичките лидери на Италија изразија загриженост за влијанието на падот на наталитетот врз земјата, при што трошоците за одгледувањето на децата се сметаат за еден од факторите.

Back to top button
Close