Децата во џунглата пронајдени по предметите што ги оставиле – шише за бебиња, ножици и импровизирано засолниште

Четири деца се пронајдени живи, еден месец по авионската несреќа во колумбискиот дел од прашумите во Амазон. Оваа информација ја соопшти претседателот на Колумбија, Густаво Петро.

Тие се браќа и сестри на возраст од 13, девет, четири и една година. Во авионот биле со мајка им, пилотот и копилотот. Несреќата се случи на 1 мај, а сите останати загинале.

Петро рече дека пронаоѓањето на децата е радост за целиот свет, а денот кога биле пронајдени децата го нарече магичен ден. Тој тврди дека децата биле сами и верува дека нивниот опстанок ќе остане во историјата.

„Денес овие деца се деца на мирот и деца на Колумбија“, додава тој.

Тој објави и фотографија на која се гледа како припадници на војската и староседелците им помагаат. Колумбискиот претседател истакна дека им била укажана лекарска помош и дека разговарал со нивниот дедо, кој рекол дека „ги вратила мајката џунгла“.

Авионот Цесна 206, во кој децата биле со нивната мајка, летал од Амазонската провинција Арарачура до градот Сан Хозе дел Гуавиаре. За време на летот беше издадено предупредување за дефект на моторот.

На местото на несреќата се пронајдени телата на три возрасни лица. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на информации од властите, објави дека децата излегле од урнатините и отишле во прашумата барајќи помош. Следуваше голема потрага по нив. Пронајдени се предмети што ги оставиле децата – шише за бебиња, ножици и импровизирано засолниште. Откриени се мали стапалки, поради што спасувачите веруваа дека ја преживеале авионската несреќа.

Децата припаѓаат на домородниот народ Хуито и членовите на овој народ се надеваа дека нивните вештини за наоѓање овошје и преживување во џунглата ќе им дадат подобри шанси за преживување. Самите домородци ги барале, а пораката на нивната баба, снимена на јазикот на народот Хуито, била емитувана преку разгласот на хеликоптерот, барајќи од нив да престанат да се движат за полесно да се лоцираат.

Back to top button
Close