Делегацијата на ЕУ ги очекува предлозите на Владата за замена на „балансерот“, апелира на почитување на Охридскиот

Еден ден по одлуката на Уставниот суд за укинување на алатката „балансер“, која предизвика бурни реакции главно кај опозициските партии на Албанците, став по однос на ова прашање изнесе и Делегацијата на ЕУ во земјава.

Зградата на Делегацијата на Европската Унија во Скопје / Фото: „360 степени“

„Одлуката на Уставниот суд доаѓа откако Владата ги објави своите намери да го реформира системот и да го замени ‘балансерот’. Очекуваме да ги видиме предлозите“,наведуваат од Делегација на ЕУ.

Во оваа смисла, оттаму ја нагласуваат важноста од континуирано спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој, како што се додава во одговорот на Делегацијата на ЕУ, повикува на целосно почитување на принципот на недискриминација и еднаков третман, особено во јавната администрација.

Ставот на Делегацијата на Европската Унија во земјава доаѓа еден ден по одлуката на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.

Додека владејачката „Вреди“ од владината коалиција најавува законско решение за правична застапеност при вработувањата во јавната администрација, кое ќе го замени „балансерот“, опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Европски фронт“ обвинуваат оти укинувањето на оваа алатка е „антиалбанска политика на нелегитимната Влада“ со која, како што велат, „се укинува правото на етничка припадност“.

Back to top button
Close