Демократи од Сенатот бараат учество на САД во истрагата за убиството на новинарката на Ал Џазира

Речиси половина од членовите на Демократската партија во Сенатот на САД, ја повикаа администрацијата на претседателот Џо Бајден, директно да учествува во истрагата за убиството на палестинската новинарка Ширин Абу Аклех на окупираниот Западен брег во мај.

„Веруваме дека, како лидер, во напорите да се заштити слободата на печатот и безбедноста на новинарите и имајќи го предвид фактот дека Абу Аклех беше американска државјанка, Владата на САД има обврска да обезбеди сеопфатна, независна и отворена истрага за нејзината смрт, каде сите страни ќе имаат целосна доверба во конечните резултати“, се наведува во писмото на 24 од 50 сенатори во демократскиот блок, вклучувајќи го и Берни Сандерс од Вермонт, упатено до Бајден.

Аклех е убиена за време на конфликтот меѓу израелските војници и вооружените Палестинци во израелската рација во палестинскиот град Џенин на 11 мај, потсетуваат израелски медиуми.

Палестинската управа тврди дека долгогодишната новинарка на Ал Џазира намерно е убиена од израелски војници.

Израел ги отфрли обвинувањата и наведе дека не е можно да се утврди кој го испукал смртоносниот куршум, доколку Палестинската управа не го предаде, што таа одбива и неделава ја побара војничката пушка од која можно е да се пукало.

Постојат сомнежи за израелската верзија за трагедијата, затоа што колега на новинарката сведочел дека новинарите стоеле пред израелскиот воен конвој и носеле елеци со напис „прес“, како и шлемови, со цел да се знае оти тие не се борци.

Во писмото се наведуваат и независните истраги на некои медиуми, каде заклучено е дека војниците, најверојатно, се одговорни за убиството.

Неделава Њујорк тајмс им се приклучи на Вашингтон пост, АП и на Си-ен-ен, во донесување на таков заклучок.

Медиуми објавија дека немало палестински оган кога е убиена Аклех.

Американско – израелскиот комитет за јавни работи се обиде да го спречи објавувањето на писмото и ги предупреди сенаторите да не бидат пристрасни против Израел, околностите на убиствата и понатаму биле нејасни, а во писмото се „подразбира вината на Израел и неспособноста да води објективна и темелна истрага“.

Засега, администрацијата на Бајден се фокусираше на тоа да се охрабрат палестинската и израелската страна да ги споделат доказите, наместо да се вклучи во истрагата.

Официјално лице од администрацијата на Бајден во мај изјави за израелски медиуми дека САД нема да отвораат своја истрага. Медиуми коментираат дека може да се очекува оти на сенаторите нема да им биде лесно да ја остварат својата цел.

Back to top button
Close