Денеска почнува конклавата за избор на нов папа
Со долговековни ритуали денеска во Ватикан почнува конклавата за избор на наследник на починатиот папа Франциск.
Звонењето на ѕвоната ќе биде проследено со бел чад кој ќе објави дека е избран нов понтиф, пренесе ДПА.
Но, пред тоа да се случи, мора да се одржи конклава. Името на изборната процедура потекнува од латинскиот израз „cum clave“ (со клуч) и се однесува на традицијата на заклучување на кардиналите во соба додека не се договорат за нов папа.
Гласањето, како и обично, ќе се одржи во Систинската капела во Ватикан, украсена со фрески од Микеланџело. Кардиналите ќе положат заклетва за тајност во врска со постапката и ќе се изолираат од светот.
За да се спречи какво било надворешно влијание врз изборот, на кардиналите нема да им биде дозволено да читаат весници, да гледаат телевизија, да слушаат радио, да разменуваат пошта или да користат телефони и компјутери.
За време на конклавата, кардиналите ќе бидат сместени во Домот Света Марта, резиденција во Ватикан изградена во 1990-те, која се користеше и за претходната конклава. Пред 2005 година, кардиналите мораа да спијат во тесни услови во Апостолската палата, официјалната резиденција на папата.
Теоретски, секој крстен маж католик има право да стане папа. Меѓутоа, во пракса, конклавата ќе избере еден од членовите на Колегиумот на кардинали.
Не постои официјална листа на кандидати за папската функција. Секој кардинал едноставно го пишува името на лицето што го претпочита на ливче со зборовите „Eligo in summum pontificem …“ (Го избирам за врховен понтиф …). Кардиналите се охрабруваат да го маскираат својот ракопис за да се спречи некој да дознае кого симпатизираат.
На првиот ден се одржува еден круг гласање, по што следат четири на секој нареден ден. Од круг до круг на гласање, поддршката расте за различни личности, што го прави исходот појасен додека не се постигне потребното двотретинско мнозинство.
Доколку по три дена не биде избран папа, мора да има прекин не подолг од еден ден за молитва и „неформален разговор меѓу избирачите“, како што нареди Јован Павле Втори во својот документ од 1996 година „Universi Dominici Gregis“ (Целото стадо Господово). Најстариот кардинал се обраќа на конклавата.
За гласање ќе се користат три урни. Едната се користи за собирање на гласачките ливчиња на кардиналите, другата за нивно чување откако ќе бидат изброени, а третата може да се донесе кај кардиналите кои се задржани во Домот Света Марта поради болест или слабост.
Гласачките ливчиња се врзуваат и се палат по секое гласање. Кога од оџакот на Систинската капела ќе се појави црн чад, тоа е сигнал дека папа не е избран.
Иако во минатото конклавите траеле со месеци, па дури и со години, во поновата историја тие никогаш не траеле подолго од една недела.
Штом ќе се постигне потребното мнозинство, од идниот папа се бара да одговори дали ја прифаќа функцијата. Ако одговори потврдно, тој од тој момент ја презема функцијата и од него се бара да го каже името што го избрал да го користи како папа – обично тоа е име на поранешен понтиф или на сакан светец.
Потоа од Систинската капела се крева бел чад, како знак за надворешниот свет дека е избран папа.
Во тој момент, кардиналот протоѓакон, кој во времето на смртта на Франциск беше францускиот кардинал Доминик Мамберти, ќе се појави од централниот балкон на базиликата Свети Петар за да му објави на светот: „Habemus papam“ (Имаме папа).