„Дер Шпигел“: Германија ја разгледува опцијата за експропријација на дел од „Северен тек 2“

Германското Министерство за економија ја разгледува можноста за експропријација на дел од гасоводот „Северен тек 2“ во мнозинска сопственост на Русија за потребите на транспортот на гас од терминалот во Балтичкото Море, пренесе денеска магазинот „Дер Шигел“ (Der Spiegel).

Министерството ја разгледува можноста за експропријација на дел од гасоводниот систем лоциран на германска територија и одвојување од останатиот дел од гасоводот, пренесува магазинот.

Експроприраниот дел од гасоводот би превезувал гас што би пристигнувал на терминалот LNG на Балтичкото Море, пишува германскиот неделник.

Москва денеска соопшти дека не може да го коментира текстот на „Дер Шпигел“.

-Но, доколку Германија направи конкретни потези, тоа пред се ќе биде случај за адвокатите, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Договорот за изградба на „Северен тек 2“ во 2015 година го потпишаа руски „Газпром“, германски „Винтершал Деа“ и „Унипер“, австриски ОМВ, француска „Енџи“ и британска Шел и преку него требаше да се удвои испораката на руски гас во Германија, на 110 милијарди кубни метри. „Газпром“ во него поседува 51 отстто од сопственоста.

Гасоводот беше завршен минатата година, но не почна со работа поради правни проблеми. Германија го суспендираше издавањето на дозвола, барајќи од конзорциумот со седиште во Швајцарија да основа филијала, а оваа година го суспендираше проектот поради руската инвазија на Украина.

Back to top button
Close