Детското тело најдено во Сава во Белград е девојчето што мајката го испуштила во водите во Загреб, потврдил белградскиот Интерпол

Белградскиот Интерпол го известил хрватското Министерство за внатрешни работи дека телото на тригодишното девојче што беше најдено во Сава во српскиот главен град е истото што на 15 јануари го испуштила неговата 34-годишна мајка во истата река во Загреб. Ова за „индекс.хр“ го потврдила загрепската полиција.

Како што навела полицијата, во март годинава белградскиот Интерпол нашол тело на дете, па со помош на меѓународна соработка била извршена ДНК-анализа и се утврдило совпаѓање со ДНК на детето што било пуштено во Загреб. Според медиумските објави, телото било најдено на сплав на Сава во Белград и било извлечено со помош на полицајци и пожарникари, а потоа било предадено на обдукција во белградскиот Институт за судска медицина.

Детето во јануари се водело како исчезнато во Хрватска, а спасувачки екипи од повеќе служби со денови го пребарувале текот на Сава околу Загреб за да го најдат. Во потрагата се користеле чамци, дронови и подводни скенери.

Загрепската полиција еден ден по исчезнувањето соопштила дека 34-годишната мајка им изјавила дека заедно со детето влегла во Сава во близина на Јанкомирскиот мост.

Мајката е уапсена и осомничена за тешко убиство на блиска личност, за што, како што пишува „Индекс“, е предвидена долготрајна затворска казна. Хрватскиот медиум додава дека истрагата сè уште е во тек.

Од хрватскиот Завод за социјални работи претходно за агенцијата Хина потврдиле дека семејството не било во евиденцијата на социјалните служби и за него не се преземале мерки за семејно-правна заштита

Back to top button
Close