Девет театарски претстави, 22 концерти и изложби дел од јубилејното 45 издание на Скопско лето
Дваесет и два концерти, девет театарски претстави од кои три се за деца, седум изложби, како и две промоции на книги ќе бидат дел од годинешното јубилејно 45 издание на фестивалот Скопско лето што ќе се одржи од 21 јуни до 31 јули. Фестивалот ќе биде отворен во петок со настапот на хрватски пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан.
Директорот на Дирекцијата за култура и уметност Никола Глигоров на денешната прес-конференција посочи дека за оваа година за програмата на фестивалот се обезбедени 800 илјада денари од Министерството за култура.
-Се обидовме оваа година да направиме достојна програма за Скопско лето за јубилејното 45 издание. Своевремено, ние имавме 2 милиони денари од Градот Скопје и 2 милиони денари од Министерството за култура, но оваа година програмата ја правиме само со 800 илјада денари од Министерството за култура. Се надевам дека публиката ќе ужива, рече Глигоров.
Сања Шуплевска од Уметничкиот центар „Полифонија“ на прес-конференцијата најави дека првиот нивен проект е Вивалдијада, што ќе се одржи на 25 јуни во соработка со хорот „Св. Злата Мегленска“.
-Скопско лето за многумина од нас претставува почеток на солистичката кариера и тоа не само на мојата генерација, туку и на генерациите подоцна. Ние секоја година се обидуваме да понудиме интересна програма. Оваа година ќе се претставиме со неколку проекти, рече Шуплевска.
Таа посочи дека Вивалдијата е проект кој што обединува ученици од средното музичко училиште „Илија Николоски Луј“ и нивните професори, а следниот настан е настапот на младата Ана Петановска.
-Имаме уште еден проект на 8 јули, каде што ќе настапиме во соработка со уметници од Љубљанската филхармонија. Се работи за современа музика од современи словенечки автори и од современи македонски автори. Истиот проект подоцна ќе го повториме на Љубљанскиот фестивал. Со овој концерт ќе одбележиме 40 годишна кариера на Зоран Митев, кој што е професионален фаготист од Љубљанската филхармонија, а кој е Македонец иако долги години живее таму, рече Шуплевска.
Таа го најави и настапот на Националната опера и балет – балетската гала, која ќе се случи следната среда на 26 јуни, од најдобрите и најпознатите балетски претстави кои се одиграа оваа година.
Горан Наумовски, кој е дел од организацијата на Скопско лето и кој е проектен координатор на концертот на Звјездан Ружиќ, рече дека концертот ќе трае речиси два часа ќе има многу убава програма.
Како што посочи, следен проект е театарска претстава на Штипскиот театар на малата сцена во НОБ, насловена „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески.
-Станува збор за многу иновативна екипа, прекрасна претстава која што отсликува едно општество. Тоа е модерна претстава која отсликува малку пореметени вредности во едно расипано општество, меѓутоа на многу суптилен начин и е претстава која треба да се погледне. Третиот проект е „Најдоброто од Копров“. На еден начин, ќе му одадеме почит на Глигор Копров за неговото творештво, ќе се изведе од Ана Петановска, а ексклузивен гостин ќе бидам јас и Владо Јаневски, додаде Наумовски.
Маја Чанаќевиќ од ФАМЕС Институтот на прес-конференцијата најави дека на 6 јули во Сули ан ќе се одржи концерт на Оркестарот „ФАМЕС Институтот“, а диригент ќе биде Конрад Ван Алфен. Како солисти ќе настапи Артварк – саксофонски квартет.
Таа посочи дека следниот концерт е на 22 јули во Сули ан, каде што по втор пат во државата ќе настапи романската виолинстика Ирина Мурешану, заедно со американскиот диригент Скот Флавин и заедно Оркестарот „ФАМЕС Институтот“.
Александар Герасимовски од Музичката младина најави дека на 24 јули ќе се одржи завршен концерт од кампот „Етно Македонија 24“ на Музичка младина на Македонија, во соработка со Jeunesses Musicales International, додека пак на 31 јули ќе се одржи концерт на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“, а диригент е Иван Еминовиќ.