Девојка од Кочани со тешки повреди чека дозвола за лекување во странство, судот двапати одбива

Ива Михаилова, млада девојка од Кочани која живее и работи во Бугарија, веќе седум месеци се соочува со сериозни правни и здравствени проблеми по тешка сообраќајна несреќа, додека судските власти одбиваат да ѝ дозволат лекување во странство.

Несреќата се случила на 7 октомври 2025 година на патот меѓу Кочани и Штип, кога, според нејзиното сведоштво и вештачењата, возило од спротивна насока навлегло во нејзината лента, обидувајќи се да избегне непрописно паркирано полициско возило. При судирот, нејзиниот автомобил излетал од патот, а во другото возило загинал сопатник.

Иако тврди дека не е виновна, полицијата ја посочила како осомничена додека била хоспитализирана во Скопје, при што ѝ биле одземени и македонскиот и бугарскиот пасош, како и изречена мерка за забрана за напуштање на државата.

Нејзината одбрана предложила повеќе сведоци кои, според нив, можат да ја потврдат нејзината невиност и пропустите на полициските службеници, но обвинителството досега повикало само еден.

Во меѓувреме, здравствената состојба на Михаилова значително се влошила. Таа има сериозни повреди на ’рбетот, со притисок врз нервите што довело до парализа на левата нога и дијагностицирана делумна параплегија. Лекарите препорачуваат итна хируршка интервенција – имплантација на специјална пумпа, процедура која не се изведува во земјава, туку во Турција, Израел и Бугарија.

И покрај медицинските извештаи кои предупредуваат на ризик од траен инвалидитет, Основниот суд во Кочани двапати го одбил барањето за привремено враќање на пасошите, со образложение дека состојбата не ѝ го загрозува животот и дека мерките се неопходни за текот на постапката.

Одбраната поднела ново барање, нудејќи и гаранција со недвижен имот, додека Михаилова истакнува дека ѝ се прекршени основните човекови права.

Додека постапката се одолговлекува, таа апелира да ѝ се овозможи лекување во странство, предупредувајќи дека секое одложување ја зголемува опасноста од трајни последици по нејзиното здравје.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close