Димитриевски очекува соработка со ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори, за евентуална соработка со Вреди не е разговарано
До крајот на месецов ЗНАМ ќе го соопшти епилогот од внатрепартиските и помеѓупартиските разговори со владеј ачките партии за евентуална можна соработка на претстојните локални избори наесен, информираше денеска лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
На новинарско прашање за тоа со кои партии ќе соработува ЗНАМ на локалните избори и дали повторно ќе се кандидира за прв човек на Општина Куманово, Димитриевски нагласи дека очекува соработка со неговиот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ, но, она што е сигурно, вели, е тоа дека ЗНАМ ќе настапи со свои кандидатски листи за советници во 50 општини.
– Нашата соработка во моментот е со нашите партнери во Владата. Каков ќе биде епилогот на внатрепартиските и помеѓупартиските разговори со владините партии, ќе го соопштиме до крајот на овој месец. Очекуваме соработка со нашиот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ, доколку се постигне тоа што е договорено и разговарано, но, како и да е, ЗНАМ ќе настапи со свои кандидатски листи за советници во сите општини каде што имаме општински организации, а вкупно се 50 на број низ државата и можеби тоа е една од поголемите паники во редовите на СДСМ, бидејќи секаде каде што одиме сѐ поголем и поголем број на членови секојдневно ни се приклучуваат, рече Димитриевски.
За евентуална соработка со Вреди на претстојните избори, тој рече дека сѐ уште немаат разговарано, но, како што рече, отворени се за било каква соработка. Прашан за коментар во врска со изјавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче, којшто денеска рече дека владината коалиција е разнишана, Димитриевски вели коалицијата никогаш не била постабилна и му порача на Филипче да се занимава со самиот себе.
– Сѐ уште немаме разговарано за било каква соработка со Вреди на претстојните локални избори, а отворени сме за соработка. Имаме формирано тим за разговори што го сочинуваат генералниот секретар и двајцата потпретседатели … Владината коалиција никогаш не била постабилна, од овој момент и мислам дека само прогласениот лидер на опозицијата треба да се занимава самиот со себе си и да види да не му се распадне и зградата на Бихаќка, бидејќи истата е празна, нема луѓе, за жал, рече Димитриевски