Димитриевски од Битола: Политичарот не смее да биде над граѓанинот

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во рамки на претседателската и парламентарната кампања, денеска во Битола одржа митинг на кој се обрати претседателскиот кандидат Максим Димитриевски и носителката во Изборната единица 5, Весна Бендевска. Димитриевски на граѓаните во Битола им порача дека доколку ја добие нивната поддршка, како врховен командант ќе се заложи да се заштитат правата на граѓаните, како и правата на бранителите, затоа што, како што рече, политичарот не смее да биде над граѓанинот.

– Граѓанинот е на дното, а елитата е на врвот. Тука се кога се бара власт, а подоцна кога ќе треба да се испорача пред граѓаните си седат и си прават ситни калкулации по кабинетите кај што се договараат со својот вечен партнер ДУИ кој повеќе од 20 години работи во оваа држава, кој со пушка влезе во Собрание. Денеска ги гледаме како по кабинетот или паралелната влада на Артан Груби си играат фудбал и си пеат песни на наша сметка, а ние по 20 години потпишуваме меморандуми за соработка со Здружение „БЕДЕМ“, за да може да тргне имплементација на законите за нивните права. Како иден врховен командант на Македонија ќе се заложам во целост, не само нивните права да се остварат, туку првенствено да се заштитат сите граѓански права на сите граѓани. Затоа што политичарот не може да биде над граѓанинот, порача Димитриевски.

Димитриевски порача дека со него како Претседател на државата и со ЗНАМ, никогаш повеќе ниту еден Македонец нема да мора да бега од своето парче земја.

– Мора да сме свои на своето и да бидеме како и другите во оваа држава, граѓани од прв ред. Доста гледаме како ДУИ ги врти околу малиот прст и заедно и со едните и со другите градат биетничко општество. Е има и други! Оваа држава ја направил македонскиот народ. И затоа Македонецот треба да се крене, да се одважи да каже – Доста е! Време е за суштинска промена, рече тој.

Носителката на Изборната единица 5, Бендевска, во своето излагање ја презентираше програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и порача дека земјава мора да биде самоодржлива држава која во целост ги користи своите капацитети, држава со нулта толеранција на корупција која обезбедува правда за сите подеднакво.

 

– Македонија мора да биде држава која ќе ги користи човечките и кадровските потенцијали во целост, стабилна и економски развиена држава, држава која ќе обезбедува бесплатно здравство за сите, со квалитетен интегриран образовен систем, која ќе биде целосно енергетски независна и ќе ги користи своите приородни капацитети и сама ќе гради нови капацитети за производство на енергија од обновливи извори, порача Бендевска.

 

Нагласи дека евроинтеграциите се исклучително важни за земјава, но како што рече, влезот во Европската унија мора да биде достоинствен.

– Сакаме да влеземе во ЕУ достоинствено како Македонци, кои зборуваат на македонски јазик со сопствена национална историја, култура и идентитет и никако поинаку. Македонија ќе влезе во Европската унија со исполнување на копенхашките криериуми под исти услови кои ги исполниле денешните земји кои се членки на Унијата, а не под уцени и условувања дека сме биле вештачка нација, рече Бендевска.

Back to top button
Close