Димитров: Потребни се солидарност и соработка за надминување на последиците од пандемијата

На сите ни е јасно дека само преку координиран пристап проткаен со солидарност, соработка и несебична размена на знаења и добри практики ќе ги пребродиме последиците од иницијалната криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на видео-конференција на Советот на Јадранско–јонската иницијатива и министерски состанок на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУАСИР), чиј главен фокус беше координацијата во справувањето со последиците од пандемијата со короната.

– Претставува задоволство што на денешнава конференција во рамки на овој важен форум за регионална соработка и промоција на ЕУ интегративните процеси, кон кој пристапивме пред две години, е потенцирана и убавата симболика со одлуките на Советот на ЕУ во март годинава за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, чие натамошно ефектуирање ќе биде во фокус и на претстојното словенечко претседателство со Иницијативата, нагласи Димитров.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи учесниците на средбата разменија мислења околу тековната и идна фаза за справување со социо-економските последици и останатите предизвици предизвикани од Ковид-19.

– Сите учесници се согласија дека оваа пандемија претставува закана без преседан за економскиот раст на земјите членки на иницијативата, од ЕУ и од регионот на Западен Балкан. Истовремено кризата докажа и дека солидарноста, соработката и координацијата на билатерално, регионално и меѓународно ниво, се клучни за отстранување на таквите закани и нивните последици, се додава во соопштението.

Министрите заклучиле дека главен приоритет останува минимизирањето на последиците врз здравствените системи и здравјето на граѓаните, но истовремено и рестартирање на економијата и адресирање на социјалните импликации од економскиот пад, предизвикан од пандемијата.

– Во овој контекст, потребна е интензивирана и продлабочена соработка за утврдување на заемни решенија со цел безбедно отворање на границите и слободно патување на граѓаните, непречено одвивање на транспортот, зајакнување на трговијата и отворање на туристичките капацитети, преку размена на најдобри практики и почитување на здравствените протоколи,  се наведува во соопштението.

Министерската видео-конференција е дел од редовните годишни состаноци организирани од страна на претседавачите со иницијативата (Србија), при што од оваа година првпат учествуваше и Северна Македонија, која на 2 април 2020 година официјално стана деветтата земја членка на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион.

Back to top button
Close