Диоген меѓу македонските Бугари

Македонски шофери, слично на „синдромот на полските водинсталатери“ и стравот од губење на работни места во Франција по приемот на Полска во ЕУ, пред неколку години фигурираа во медиумите во Шведска во контекстот на дебатата поврзана со отворените граници и ризиците поради доаѓање на евтина работна сила од Исток.

Во архивите на шведските медиуми може да се најде цела серија написи за протестите на голем број шведски транспортни претпријатија поради нелојалната конкуренција со ниски плати, несоодветни работни услови и непочитување на законската регулатива, при што на тапет се најдоа и бугарски фирми кои за својот транспорт во скандинавските земји вработуваат шофери од Македонија.

Таа бугарско-македонска поврзаност отпрвин не беше доволно разјаснета, но сликата постепено созреваше откако медиумите беа објавени извештаи за полициски контроли и запрени македонски возачи, меѓу кои имало и такви кои покажале фалсификувани бугарски возачки дозволи и пасоши. Еден од главните заклучоци во целата приказна беше дека причината поради која на шведските патишта се појавуваат поголем број македонски шофери е можноста што ја искористиле да добијат возачка дозвола од некоја ЕУ-членка, во случајов Бугарија, а со што им се отвора портата кон Европа и слободен пристап до пазрот на трудот во ЕУ.

Тоа е, накусо речено, феноменот дека македонски граѓани, за да добијата право на престој во ЕУ, се пријавуваат како државјани на Бугарија. Со зголемувањето на нивниот број во Шведска постепено се зголемуваше и потребата од ангажирање на преведувачи за разни потреби во судовите, агенциите за вработување, здравствените установи или во училиштата, но тоа во првиот период беше проследено и со извесна конфузија во употребата на јазиците. Не беше ретка појава да бидат нарачувани преведувачи на бугарски, но по извесно време институциите почнаа да прават разлика, дека станува збор за луѓе кои се пријавени како бугарски државјани, но имаат и македонско државјанство. Бугарскиот јазик го разбираат само делумно, но за обезбедување на претпоставки за правна сигурност во комуникацијата со институциите е неопходно да им се обезбеди превод на нивниот мајчин македонски јазик. Денес поискусните шведски обвинители и адвокати, кои имале допирни точки со предмети повразни со Балканот, прават јасна дистинкција на тој план.

Во последните години прилично се зголеми бројот на македонски имигранти, посебно на смејства со мали деца, во шведските градови. Се разбира, не станува збор само за шофери, туку за луѓе со разни професии и занаети. Добија и прекар – „новодојдени“, а со што најчесто се означува нивниот статус меѓу „македонските староседелци“ во Скандинавија, односно меѓу припадниците на бројната македонска заедница преселени на овие простори пред неколку децении.

Многумина од новодојдените, според принципот на традиционалните доселенички шеми, се зачленуваат во македонските здруженија во дијаспората, каде што, меѓу другото, во последно време се одржуваат курсеви по шведски јазик. Нивното присуство се смета и како можност за внесување нов квалитет во неопходната генерациска смена во дејноста на иселеничките здруженија. Но, понекогаш од невнимание, или пак во функција на одбрана на некакви позиции со претерано патриотско душогрижништво, се слушаат и непотребни, злобни коментари, при што на групата новодојдени во македонските здруженија под носот им се поттура нивната заедничка карактеристика – „оние со бугарските пасоши“. Тоа неретко предизвикува непријатни реакции, и наидува на неразбирање поради таквата недобронамерност, дури и меѓу оние кои не чувствуваат посебно силна емоционална поврзаност со татковината и нацијата.

Не би требало воопшто да биде тешко да се заклучи дека на тековниот попис нема да се случи никакво неочекувано изненадување во однос на начинот како ќе се самопопишат и определат Македонците во дијаспората, без оглед дали станува збор за новодојдените или за оние кои имаат подолг печалбарски стаж во својот иселенички багаж. Затоа, најблаго речено, неверојатно звучат податоците што се појавија во македонските медиуми, дека бугарски дипломатски претставништва ќе ги упатуваат македонските иселеници кои зеле бугарски пасоши, изјаснувајќи се притоа во процедурата како Бугари, како да се постават кон пописот во сопствента матична држава.

Од оние 100.000 македонски Бугари, – за кои официјална Софија зборува како за група која добила бугарско државјанство и пасоши, и која сега според тврдењата на бугарскиот државен врв е загрозена и дискриминирана како обесправено бугарско малцинство во Македонија, – големото мнозинство живеат и работат во западноевропските членки на ЕУ. Токму затоа, не вреди да се прават обиди за затворање очи пред фактот дека бугарскиот пасош, за жал, или за нечија среќа, служи како беспрекорно ефикасен инструмент кој голем број македонски граѓани го користат за да ги исползуваат придобивките од отворениот, безграничен европски пазар на труд.

Тој факт мошне добро го знае бугарската министерка за надворешни работи Захариева, иако го тврди спротивното. Но би требало јасно и недвосмислено да го слушне и од устата на македонските политички лидери. Се чини дека не би било сосема бесмислено македонскиот шеф на дипломатијата Османи, наместо да ги повикува претставниците на бугарското малцинство во Македонија да побараат пописна графа за нив – „Бугари“, да укаже на средбите со својата бугарска колешка дека засиленото издавање на бугарски пасоши на македонски граѓани не добива никакви посебни димензии, освен како еден обичен печалбарски водвиљ со малку видоизменета сценографија, во кој главната улога ја игра „борбата за подобра егзистенција“, а не некакво долго потиснувано и одеднаш разбудено бугарско самоосознавање меѓу Македонците.

Бугарскиот претседател Румен Радев лесно би можел да се увери во тоа, доколку, наместо да заговара испраќање на агенти на тајните служби, се одважи, според примерот на Диоген, самиот да тргне со свеќа во раката среде бел ден да ги бара и пребројува Бугарите во Македонија, а потоа и во редовите на македонската дијаспора. Би било интересно да се види со какви бројки би завршила неговата истражувачка мисија.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close