Директен напад врз верската слобода – велат од ДУИ за одлуката на Уставниот суд за училиштето „Медресеја Иса Беу“

Според уставните судии, ниту уставот, ниту кој било закон во државата не дозволува и не предвидува постапка за основање на приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на верска заедница или религиозна група

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение до медиумите ја осуди одлуката на Уставниот суд за укинување на одобрението за основање на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во скопското село Кондово.

Оттаму сметаат дека одлуката на Уставниот суд е антиуставна и политичка, со што на Исламската верска заедница (ИВЗ) и се забранува да организира средно образование, право кое, како што додаваат од партијата, верската заедница го има уште од 1984 година.

„Оваа одлука претставува директен напад врз верската слобода, врз достоинството на муслиманската заедница и врз едно право што беше добиено како исправка на историската неправда за време на претходната влада“пишува во реакцијата на ДУИ.

Она што е потешко од самата одлука на судот, според ДУИ е тишината на албанските претставници во оваа Влада.

„Наместо да протестираат, тие молчат. Наместо да поднесат оставка, тие се правдаат. Тие не се претставници, туку послушни вазали на власт која повторно го активира проектот за еднонационална држава, без место за другите“ велат од партијата.

Ја повикуваат домашната и меѓународна јавност, верските заедници и граѓанското општество да реагираат на одлуката на Уставниот суд.

Одлуката што ја укина Уставниот суд е донесена на 26 март 2024 година, од тогашната техничка влада што ја предводеше Талат Џафери од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Судот, како што соопштија денеска оттаму, оценил дека одлуката е незаконита и неуставна бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница (ИВЗ) да биде основач на средно училиште – гимназија.

Според уставните судии, ниту уставот, ниту кој било закон во државата не дозволува и не предвидува постапка за основање на приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на верска заедница или религиозна група.

Back to top button
Close