Директорката на НП „Галичица“ службеното возило си го користи како приватно, дури и за на нива, обвини Левица

Левица вели дека до нив пристигнале вознемирувачки информации и фотографии од свиркачи од Ресен, кои според партијата, укажуваат на континуирана злоупотреба на службено возило во сопственост на ЈП Национален парк „Галичица“. Според наводите, посочуваат од Левица, службеното возило повеќе од една година секојдневно се користи за приватни цели од директорката Фросина Ѓорѓиевска, за патување на релација Ресен-Охрид-Ресен, наместо за потребите на институцијата.

„Според сведоштвата, возилото секојдневно е паркирано на јавни површини во близина на семејниот дом на директорката во Ресен, при што се узурпира јавен простор. Дополнително, граѓаните сведочат дека службеното возило не го управувала само директорката, туку и членови на нејзиното семејство, што претставува грубо прекршување на правилата за користење на државен имот“, реагира Левица.

Според опозициската партија, особено скандалозни се наводите дека возилото било користено и за приватни земјоделски активности, поточно, одење до јаболкови насади во селото Волкодери, како и за превезување работници кои работеле на приватните посеви на директорката.

„Доколку овие информации се точни, станува збор за класичен пример на злоупотреба на државни ресурси и арогантно самоволие на функционер поставен да раководи со јавна институција“, стои во реакцијата на Левица, од каде тврдат дека Георгиевска е ставена да раководи со Паркот без никакво искуство за менаџирање на јавни претпријатија, како партиски кадар на ЗНАМ.

Директорката неодамна влезе во фокусот на јавноста, кога во април против нејзе беше поднесена кривична за дозвола на градежни активности во заштитената зона на „Галичица“.

„Иако директорката Георгиевска редовно се покажува дека е неспособна за управување на ова јавно претпријатије и редовно користи државни капацитети за сопствени потреби, ужива во заштитата што ѝ ја нуди власта. Левица бара итен инспекциски надзор и ревизија на користењето на службените возила во ЈП Национален парк ‘Галичица“, како и утврдување на штетата нанесена врз буџетот на институцијата. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата, како и сите надлежни институции, веднаш да постапат и да утврдат дали службените ресурси со години биле злоупотребувани за лични и партиски потреби“, велат од Левица.

Според партијата, државните институции „не смеат да бидат приватни сервиси на партиски функционери“.

„Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, функционери на власта со службени возила секојдневно си ги завршуваат приватните обврски на товар на народот“, стои во реакцијата.

 

Back to top button
Close